Павле Богоевски, активист за човекови права и поранешен пратеник во македонскиот парламент, за ЦИВИЛ МЕДИА говори за последиците од крвавиот напад на 27 април 2017 година.
Го прашавме Богоевски, кои се последиците по него лично, но и по македонското општество, четири години по крвавиот напад.
„Физичките последици, за среќа, одамна поминаа. Психичките последици цел живот ќе си ги носиме, но тоа е дел од товарот што го носиме. Но тоа што посебно загрижува се општествените последици. Четири години по Крвавиот четврток, во општеството сè уште имаме поделеност околу тоа што, всушност, беше 27 април. Луѓето кои влегоа, за правниот систем и за добар дел од демократската јавност, соодветно се означени како сторители на тешки кривични дела и ги трпат последиците за своето однесување. Загрижува тоа што како резултат на внимателно испланирана и добро спроведена пропаганда, кампањи на социјалните медиуми, во конзервативните медиуми и во јавноста, ние денес имаме ситуација каде што еден добар дел од јавноста, луѓето кои влегоа во зградата каде што е напишан Уставот да ги убијат и да ги тепаат луѓето кои тој Устав ги овластил да бидат таму и да работат, ги третираат не како напаѓачи на Уставот, туку како негови бранители. Таа вечер не беа цел само пратениците. Беа цел и медиумските работници, беше цел и персоналот на Собранието, а во најширока смисла на зборот, беше цел и целата држава. Не смееме да заборавиме дека вистинската цел на 27 април беше заканата дека имаат реална намера да предизвикаат вистинска граѓанска војна која засекогаш ќе го променеше ликот на нашата држава и општеството. Поради тоа, пораката е: Не смееме да заборавиме, бидејќи така ќе ни се повтори“
– изјави Богоевски за ЦИВИЛ МЕДИА.