„Обештетување на граѓаните, одговарање на политичарите за неисполнети предизборни ветувања, следење на имотната состојба и барање доказ за потекло на имот, младите да бидат дел од системот без партиска припадност, враќање на квалитетен образовен систем е само дел од понудата на Македонски концепт на овие избори. Почеток на кампањата беше означен пред просториите на канцеларијата на Европската унија во државава како симбол на вредностите на коишто се стремиме, а сме далеку од нив“, изјави Петар Богојески од Македонски концепт на првиот ден од изборната кампања.
Богојески истакна дека ова е последна шанса да се покаже дека граѓаните не се согласуваат со политичарите и дека треба да ја вратат државата во свои раце.
„Сакаме да живееме во спокој! Сакаме нормален живот во фер општество и граѓанска држава, држава без етнички партии, сакаме да се врати ведрината на лицата на нашите граѓани, сакаме баланс помеѓу власта и опозицијата, сакаме слободна политика, обештетување на граѓаните, правда и сигурност кои ќе ги чувствува секој од нас, потекло на имот за сите политичари, финансиска лустрација, ефикасно здравство и реално образование, систем каде ќе има одговорност за политичарите и моќниците, сакаме партнерство со младите, сакаме децата да имаат подобра иднина од нас“, додаде Богојески.
Богојески истакна дека досегашниот систем се покажал како непоправлив и дека треба да се изгради нов, кој ќе биде модерен и демократски.
„Стариот систем се покажа како непоправлив. Мора да изградиме нов, модерен и демократски систем, а стариот полека да згаснува. Сето ова е возможно само со богати граѓани. Имаме богата мафија, богати партии. Редно е да имаме богати граѓани“, смета Богојески.
А. П.