Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, вчерашниот руски ракетен напад врз украинскиот главен град за време на посетите на генералниот секретар на ОН Гутереш и бугарскиот премиер Петков го смета за бесрамно непочитување на меѓународното право, пренесува Укринформ.
„Шокирани и згрозени од руските ракетни напади врз Киев и други украински градови. Русија повторно го покажува своето бесрамно непочитување на меѓународното право со бомбардирање на град додека е присутен генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, заедно со бугарскиот премиер Кирил Петков“, напиша Борел на Твитер.
Како што беше објавено претходно, најмалку две експлозии беа регистрирани вчера во главниот град на Украина, Киев, веднаш по средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Најмалку десет лица беа повредени во нападот.
Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба истакна дека Русија уште еднаш го покажала својот став кон Европа и светот со истрелување проектили врз Киев за време на посетите на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Подготви: Д.Мишев