Во неизвесноста околу точниот и конечен датум за предвремените парламентарни избори коишто се одложија неколку пати заради состојбата со Ковид-19, Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија изјави дека на земјава и се потребни функционални институции, односно, за да функционираат во согласност со законите и Уставот, треба да се утврди датумот за избори.
Амбасадорката Брнз порачува дека е важно во земјава да се одржат избори затоа што, како што истакнува на Северна Македонија и се потребни потполно функционални институции за справување со сите предизвици, вклучително и со кризата со КОВИд-19. Таа истакнува дека датумот за избори треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата.
-Важно е во земјата да се одржат избори. На Северна Македонија и се потребни избрани и потполно функционални институции – влада и собрание – за да се справуваат со многуте итни предизвици кои ќе имаат долгорочен ефект врз иднината на земјата, вклучувајќи го одговорот на кризата со КОВИД-19, како и подготовките за пристапните преговори со ЕУ. Што се однесува до датумот за овие избори, тој треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата, вели Брнз.
Во овој контекст, ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да донесат решение за конечно одржување на предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија. По бројните одложувања на нешто што требаше да бидат брзи предвремени парламентарни избори, нашата земја веќе нема ниту еден ден за чекање. На земјата итно ѝ се потребни функционални институции, Парламент и Влада со целосен капацитет.
ЦИВИЛ ги повикува релевантните институции час поскоро да ги започнат подготовките за одржување на изборите, да изработат здравствени протоколи за безбедно спроведување на изборниот процес.
Одложувањето на изборите од 21 јуни на 5 јули веќе е неприфатливо големо поместување на датумот за избори. Нашата држава веќе не може да си дозволи техничка влада што е составена за да организира парламентарни избори, а не да се бори со тешка закана за здравјето и животот на луѓето. Оваа држава веќе не може да си дозволи ни целосно отсуство на Парламент, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.