Пред изборите во Баварија и пред конгресот на нејзината партија во декември, Ангела Меркел се соочува со пад на рејтингот. Во текстот на Дојче Веле, на авторот Александер Шолц, што го пренесуваме во целост, се потенцира дека основното прашање во моментот е: колкава е преостанатата моќ на канцеларката?
Настапот на Ангела Меркел пред подмладокот на својата партија некои коментатори го оценуваат како одличен. Така, на пример, весникот „Велт“ пишува дека покрај неа, младите изгледале стари. Канцеларката и претседателка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), викендов одржа говор во кој имаше и самокритика, но и офанзивни моменти, за што на крајот, доживеа овации. И тоа токму од „Младата Унија“, која се презентира како поконзервативна од матицата и подолго време му опонира на центристичкиот курс на канцеларката. Имаше бројни критики, но не и пресметки и револуција, Меркел победи на поени.
Меркел на свој начин знае да се справи со критиките. Уште од 2005 година ја следи забелешка дека не е дорасната на задачите на највисоката функција. Во текот на наредните години, ЦДУ губеше на важни покраински избори, а и на сојузните бележеше само просечни резултати. И покрај тоа, Меркел не дозволи да ја избркаат од власт. Во многу случаи, едноставно, чекаше да стивне вревата. Многумина деновиве во Берлин потсетуваат на тоа.
Сите знаат – на сѐ еднаш му доаѓа крај. Прашањето е само – кога? Меркел го истакнува својот избор до крај на мандатот, а тој трае до 2021 година. Мнозинството посматрачи е на мислење дека таа ќе се согласи на предавање на власта на друг, со уредно регулиран преод, и тоа можеби на половина од мандатот. На крајот, важна е и нејзината оставнина. Кризите кои ја потресуваат актуелната владејачка коалиција за многумина се повод за шпекулации дека таа нема долго да издржи. А критиките се сѐ погласни.
Меркел нема никаков харизматичен наследник кој би можел да ги обедини зад себе критичарите. „Ако Меркел не издржи долго, ЦДУ ќе има вистински голем проблем“, смета политикологот Волфганг Меркел, кој и покрај истото презиме, не е во сродство со канцеларката. „Нема поубедлива личност која би можела да ја наследи“, вели тој, но и покрај тоа, се закануваат немири. Зашто, уште следниот викенд би можел да се дигне оркан со можност и неа да ја зафати“.
Во Баварија, покраината во која со децении владее Христијанско социјалната унија, сестринска партија на ЦДУ, се најавува историски пораз, зашто ЦСУ отсекогаш имаше апсолутно мнозинство, а во актуелните анкети – само околу 35 проценти од гласовите. Многумина тоа го толкуваат како последица на интервладините конфликти, на пример, оној околу бившиот шеф на Службата за заштита на уставниот поредок, Ханс-Георг Масен. По слегнувањето на прашината околу него, владее некој вид договорен мир, никој не сака да долева масло на огнот. Анкетите велат дека голем дел од избирачите уште е неодлучен. Во Германија, и посебно во ЦДУ, важи идеал на единство. Политичките спорови во сопствените редови се сметаат за контрапродуктивни.
Но, политичкиот немир е тука и не може да се игнорира. Класичните народни партии, ЦДУ/ЦСУ и СПД еродираат, но затоа леволибералните Зелени и десничарската АфД освоија нови бирачи. Обете странки во испитувањата на јавното милсење во последните недели добиваат нешто повеќе од 15 проценти. Некои политиколози, меѓу кои и Вернер Пацелт, прогнозираат дека двете партии ќе останат силни на подолг рок. Затоа, новите избори би биле потфат со висок ризик за ЦДУ/ЦСУ.
Ерата на Ангела Меркел одминува, што деновиве е видно и во изјавите на политичари од ЦДУ како Норберт Ретген. Пред неколку години, тој фигурираше како можен наследник на Меркел. Потекнува од Северна Рајна Вестфалија, а во интревју за „Шпигел“ изнесе барање за спроведување стратешки и персонални промени во партијата. Други познати критичари на Меркел од истата сојузна покраина се и Јенс Шпан, моментно министер за здарвство, потоа Карстен Линеман, 41-годишен претседател на стопанското здружение на ЦДУ/ЦСУ. И новиот шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Ралф Бринкхаус е од Северна Рајна Вестфалија, а на функцијата дојде откако, на изненадување на многумина, од неа на интерните избори го истисна долгогодишниот верен следбеник на Ангела Меркел – Фолкер Каудер.
Меркел сепак има силен грб во рамките на ЦДУ. Ако ги протурка покраинските избори во Баварија и Хесен, ја чека следниот политички предизвик. На партискиот конгрес во декември на дневен ред е и избор на нов претседател. Така е секои две години, а Меркел има намера повторно да се кандидира. Но, сега има тројца противкандидати. Навистина, станува збор за непознати политичари. Водечките личности од ЦДУ, вклучувајќи го и Бринкхаус, но и претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле, најавија поддршка за Меркел за водечката партиска функција.