Врховниот суд денеска на седница која беше затворена за јавноста, расправаше и ги разгледа барањата на Специјалното јавно обвинителство за заштитата на законитоста при одлучувањето за притвор за градоначалникот на Општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко и за куќен притвор за градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.
Медиумите ја цитираа изјавата на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски дека „предметите биле разгледани и дека откако ќе донесат одлука, јавноста ќе биде информирана“.
Темелко е осомничен во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности во 2013, а Талески е првоосомничен во предметот „Транспортер“ за проневера од 360.000 евра при малверзации во превозот на ученици во Битола и неговото судење треба да почне наскоро. По отворањето на истрагата за случајот „Титаник“, Темелко беше приведен, а на Талески му беше одреден домашен притвор, кој потоа му беше укинат. СЈО поднесе жалба на одлуката. И новата одлука за Талески, нема ништо да смени, зашто ќе биде само оценка за исправноста на одлуките на пониските судови.
Минатата година, Врховниот суд донесе едногласна одлука дека барањето за притвор на Темелко од СЈО, по отворањето на истрагата за изборни нерегуларности, било законско и оправдано. Откако судијката Лидија Неделковска ја замени актуелниот претседател Вангеловски, првата одлука за Темелко беше поништена, за денеска повторно да има неуспешен обид да се донесе нова одлука.