Ќе нема повеќе редици пред шалтерите на Управата за јавни приходи (УЈП). Се менува начинот за пресметка на „персоналецот“ и за поднесување на даночните пријави, така што, граѓаните во иднина нема да имаат обврска самите да ја носат годишната пријава на шалтерите во УЈП.
УЈП ќе има обврска да ги собере сите податоци за остварените приходи на физичкото лице и во електронска форма да му ги достави на увид за дополнение или исправка. Секој граѓанин ќе има лозинка, преку која ќе може да влезе во пријавата доставена од УЈП и да направи проверка на своите податоци. Ако забележи дека во пријавата не се внесени некои од остварените приходи, истите ќе може сам да ги додаде.
Новиот систем на поднесување годишна даночна пријава треба да почне да фунционира од следната, 2018 година.
Инаку, пред неколку дена, Владата на седница ја усвои информацијата за статусот на проектот „Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход“, што е финансиран од ИПА-фондовите. Спроведувањето на проектот, како што информираа од Владата, ќе придонесе за олеснет начин на комуникација на УЈП со даночните обврзници и ќе се поедностави начинот на пресметка и наплата на персоналниот данок на доход.
„Проектот предвидува и намалување на административните процедури и трошоци, а беше нагласено дека од ваквиот нов пристап, се очекува зголемена наплата на персоналниот данок на доход за околу 50 отсто“, информираа од службата на Владата.