Поранешниот директорот на БЈБ, Митко Чавков, во сведочењето за случајот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски рече дека не се сеќава дали знаел оти има акција за апсење на лидерот на Обединети за Македонија.
„Не можам да се сетам, беше многу одамна“, рече Чавков.
Пензионираниот директор на БЈБ и поранешен министер за внатрешни работи рече дека имало стотици случаи на организиран криминал и не се сеќава за наредбата за апсење од 2011 година. На прашањето на обвинителот од СЈО, Љубомир Лапе, дали тој лично дал наредба да се уапси Бошкоски, тој истакна дека тоа го работел тим што го предводел јавен обвинител.
Чавков за сведок беше предложен од СЈО, бидејќи во периодот кога Бошкоски беше уапсен како осомничен за случајот „Кампања“, во јуни 2011 година, бил на функцијата началник на Одделението за организиран криминал.