Деновиве во училиштата низ земјата актуелни се новогодишните базари кои се одржуваат во речиси сите училишта и градинки. Најчесто, овие базари се од хуманитарен карактер.
Дел од институциите, уште пред одржувањето на настаните веќе објавуваат каде точно ќе бидат донирани средствата кои ќе се соберат. Дел од нив, пак, одлучуваат откако ќе се одржи настанот.
Има и такви примери каде средствата собрани од ваквите училишни базари подоцна се користат за потребите на учениците во рамки на своите класови.
„Средствата ги собираме, правиме записник и потоа ги користиме за потребите на децата, хартија, материјали, реквизити за спорт и спортски активности“, вели една родителка за ЦИВИЛ Медиа.
„Во нашето училиште има ученик од социјално загрозено семејство. Собраните средства ги дониравме на семејството“, вели родител од општина Аеродром.
„Не знам каде се донираат средствата“, ни одговори еден родител од општина Центар.
Пакетчиња, снешковци, лампиони, украси и колачиња се дел од асортиманите кои се продаваат на овие базари. Ставовите на родителите се поделени. Дел од нив велат дека иако идејата е да се продаваат рачни изработки, кои децата треба да ги изработат заедно со своите родители со цел да не се изложуваат на дополнителни трошоци, сепак, базарите прераснуваат во натпревар кое дете ќе донесе повреден и поскап подарок.
Иако целта е, пред сѐ, хумана, родителите сѐ повеќе овој вид на настани ги карактеризираат како дополнителен трошок.
„Во ред е, разбирам кога овие настани имаат хуманитарен карактер, но ова е веќе премногу. Собираме пари за материјали на почетокот на годината, собираме пари кога треба да се среди нешто во училницата на децата. И сега повторно правиме базар за средствата кои ќе ги собереме да ги искористиме за хартија за печатење на тестовите кои треба да ги прават нашите деца. Целото општество ни „функционира“ на донации. Редно време е да се преиспитаме и да видиме каде одат сите овие средства, како и даноците кои ги плаќаме“, вели еден од родителите и додава дека самите базари се двоен трошок: „Прво купуваме производи за да се продаваат, а потоа одиме на базарот и ги купуваме уште еднаш.“
Еден од градоначалниците на една скопска општина најави дека од септември идната година општината ќе дели по 3.000 денари за секое прваче. Родителите реагираат: „Подобро нека обезбеди средства за непречена настава и работа во училиштата. Затоа што на крајот на денот ние повторно ќе ги дадеме парите“.
Маја Ивановска