пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Секое детство има свои јунаци и свои пораки. Додека ги следам најавите за идните градоначалници, што треба да нѐ менаџираат од есенва, на памет ми паѓа една серија што се емитуваше некаде кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Јунаците беа во потрага што да им биде занает, што да постанат во животот, како да го искажат својот талент. Се сеќавам на една епизода каде Владимир Ангеловски сакаше да постане хемичар и пронаоѓач, па ги помеша формулите и постана познавач на многу јазици. Но, формулата кратко траеше и пак се врати на тоа што си беше, ученик со големи сонови за иднината.
Зошто ми е интересна таа одамна заборавена серија? Таму никој не сонуваше да биде политичар или градоначалник. Сите сонуваа за свои професии и успехот што ќе го направат како лекари, инженери, техничари. Еден од јунаците постојано велеше дека сака да биде тракторист за да ја ора подобро земјата, која ќе роди убави плодови.
Така беше тогаш, но можеби и поради таквите вредности на тоа време, си одминаа и времето и вредностите. Дојде ново време и нови вредности.
Потрошувачкото општество наметнува вредности што се поврзани со профитабилноста и побарувачката. Така денес не е сон да си градежен инженер кој е постојано на терен, сон е да си во власта каде се одредува што и каде ќе се гради. Не е доволно да си истакнат експерт по некоја струка, треба да си на власт за го исполниш сопствениот сон за владеење над луѓето околу себе.
Знам дека сето ова му е познато на секој од моите читатели и не е некаква мудрост, но сакам себеси да си објаснам зошто во политичка трка за советник или градоначалник сакаат да влезат разни мои сограѓани на претстојните локални избори.
Советниците според законот треба да имаат минимум познавања од функционирањето на локалната власт. Членуваат во разни комисии кои некогаш можат и битно да влијаат на животот на своите сограѓани. Донесуваат измени на урбанистички планови, цена на комунални услуги, одредуваа културни збиднувања во општината каде живеат. Како ќе изгради став некој советник, за развојот на градот, ако нема почетни знаења за природата на проблемите за кои ќе одлучува. Да се подигне рака според партискиот став е најлесно, затскриен си зад колективот, но тоа е само оправдување пред соседите и сограѓаните, но не и пред себе и пред утрешните денови. Секогаш кога ќе поминеш пред некоја неприродно израсната зградурина ќе те потсетува на сопствената грешка или неодговорност. Освен партиската волја да се биде на листата треба да се има и сопствено уверување дека тоа што ќе се бара од тебе, ќе можеш да го направиш.
Ако не направиме промена во сопственото поимање на одговорноста и достоинственоста, изборите за советници ќе бидат само промена на имиња и презимиња, без некој квалитетен исчекор кон подобро функционирање на локалната власт.
Веќе се објавуваат имињата на градоначалничките кандидати. Партиите имаат своја логика и цел. Да се дојде до власт со сите средства кои им се на располагање. Тоа е природата на партиите во нашиот систем на разбирање на политичкиот живот.
Но, останува ние како граѓани да имаме некои одредници според кои ќе ги избираме подобрите од предложените кандидати. Во програмите и ветувањата се помалку се верува. Во општите ставови како што сѐ „ќе се залагам за развој на нашата општина во економијата, културата и слично“ ни самите некандидати не веруваат, зашто таквите изјави не значат ништо, ниту некого обврзуваат.
Вистинските прашања сѐ, како ги трошат парите кои според законот им се на располагање? Не се остварливи ветувањата како досега за големи инвестиции кои самите тие ќе ги донесат. Има само два извора на средства во локалниот буџет. Блок дотациите од централниот буџет за функционирање на образованието и детските градинки. Платите за администрацијата и институциите од локален карактер. Другиот извор е сопствениот буџет кој се полни од проценти од ДДВ и персоналниот данок како и, комуналните даноци кои ги прибира општината. Има уште неколку извори кои се поврзани со експлоатација на минералните суровини на територијата на општината. Сите буџети на општините се обременети со затекнати долгови кои често се поголеми од третина на основниот буџет.
Проектите кои ги реализира централната власт навистина зависат од авторитетот на градоначалникот, но најмногу од подготвеноста на администрацијата да поднесе издржани и готови проекти, кои ќе ги финансира централната власт.
Ете, за тие две прашања да ги прашаме кандидатите за градоначалници, како тоа ќе го менаџираат. Добрата работа на комуналните претпријатија секако се во описот на надлежностите на локалната власт. Инаку зошто имаме потреба од избори за локална власт и формирање на вакви претпријатија, ако не е задоволувањето на комуналните потреби на граѓаните.
Предлагам секој кандидат да објави ЕДЕН свој крупен проект кој ќе го реализира за време на својот мандат. Не повеќе, само еден е доволен.
А ќе имаме веројатно кандидати со различни намери за учество во изборите. Некои што сакаат лична афирмација, иако тоа би требало да е третман на некоја здравствена установа не на одземање на вниманието на граѓаните. Секако тие имаат законско право за тоа, но и граѓаните имаат право на избор на градоначалник што ќе ја води општината во нивна полза со мнозинска нивна поддршка. Партиите ќе истакнат и свои кандидати заради свои цели, поврзани со нивната политичка борба. Легитимно е секако, но не повеќе од одговорноста пред граѓаните за предложување на кандидати кои имаат шанса да ја реализираат програмата која је ветуваат.
Политичката борба мора да е заснована на анализи и програми, а не на логиката на гранапче филозофијата „што знаеш, па можеби ќе успее“.
Изборите се шанса за колективна одговорност на граѓаните пред себе како поединци и како заедница. Нема да ни одбегне оговарањето на градоначалникот после, тоа си е составен дел од нашиот начин на живот.
Важно е сега добро да одмериме кој ќе го востоличиме како прв меѓу граѓаните.
Инаку може да ни се случи како во серијата за која на почетокот пишував:
Да ги помешаме состојките и занесот да трае кратко, после тоа ќе си се вратиме на своите заблуди и соништа. Како во стихот на поетот „секое време има свое бреме, ама моето време ме упропасти мене“.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.