Иницијативата „Да не го давиме Белград“ оцени дека синоќешните настани во Белград биле „добро режирана претстава на режимот со цел луѓето да се вовлечат во конфликти и незадоволството на граѓаните како да се прикаже како насилно“.
Од иницијатива оценија дека граѓаните биле „оправдано лути“ и дека „режимот се обидел да манипулира со тој гнев со вметнување на свои провокатори“.
– Многу пати сме биле сведоци на манипулации на Српската напредна партија (СНС) на протести и бидете сигурни дека синоќешниот хаос е предизвикан од провокатори. Се надеваме дека денес на сите им е јасно колку е длабока узурпацијата на нашето општество од овој криминален режим на СНС, се вели во соопштението.
Освен во Белград, вчера на протести се собраа и граѓаните на Ниш, Крагуевац и Нови Сад.
Повеќе граѓани на Ниш го блокираа сообраќајот, а пристигнувањето на полицијата беше пречекано со свирежи и извици „кучиња, кучиња“. На демонстрантите им се приклучила и голема група млади луѓе.
На платото пред Градското собрание на Крагуевац, исто така, во 19 часот се собраа незадоволни граѓани од постапките на власта во Србија.
Граѓански протест поради најавите за воведување полициски час имаше и на Плоштадот Слобода во Нови Сад.
Демонстрантите бараат оставка на Кризниот штаб и конечно да се каже вистината за епидемијата која ја зафатила земјата.