„Овде, кај нас внатре, како уште да не се родија јунаци кои би се впрегнале да ја изведат земјата надвор од овој во тридеценискиот македонски тунел. Уште никако Татковината да изнедри генерација нови политички клинци. Некои енергични и реализирани, нефрустрирани и некриминогени. Некои кои во името на сите граѓани и без привилегии за никого, посветено, енергично и без компромиси ќе тргнат во отворање на патот кој во своите планови го имаат запишано сите партиски елити но на кои, желбата за општото добро и за напредок на земјата, им се губи на патот на корупциите и криминалите. Некои на кои ЕУ не ќе им биде само вербална еквилибристика , туку на кои европските темелни вредности конечно ќе ги всадат овде. И кои своите граѓани ќе ги почестат со слободни, непартизирани, праведни, стручни, одгворни, некорумпирани, функционални, одржливи, авторитетни , самосвесни и самоконтролирачки институции.
Во едни такви, засега само претпоставени идеалистички и волунтаристички желби, не ќе се толку важни и толку трауматични и надворешните соседски средновековни глупости ниту пак мимикријата на нивните затскриени моќни европски поддржувачи. Решенијата за нас се овде и тие зависат од секој од нас и секако и најмногу од овдешните политички елити кои, за да се закитат со таквиот атрибут, прво ќе треба веќе да почнат да испорачуваат видливи европски вредности.
Ова мало македонско општество конечно ќе мора да го заврти листот и масовно, организирано и самосвесно, да ги дефинира, да ги препознае и да ги афирмира демократските сили. И да ги употреби и да ги стави во државотворна функција нивните капацитети. Да им го отвори патот на способните и компетентните. Да им го ослободи просторот окупиран од политиканти, блефери и манипуланти. Да ги спастри и да ги професионализира партиски заробените институции. Да ги елиминира, да ги забрани и да ги казнува непотизмите, клиетелизмите, кронизмите. Да ја совладува корупцијата енергично, транспарентно и посветено и да го крене судството не неговата елементарна системска ефикасност и барем на ниво приближно на европските рамништа.“
Извадок од колумната „2022 – Во тунелот, или од тунелот“, од Зоран Иванов, објавено на 31 декември 2021 година.