„Еден од последните хитови на мрежата Нетфликс е делото „Минхен – војната пред очите“. Интересен е и за постарите кои добро знаат што значеше во историјата Минхенскиот договор од 1938 година, потпишан од премиерите Невил Чемберлен, Адолф Хитлер, Едуард Даладје и Бенито Мусолини. Секако, може да биде интересен и за помладите кои се интересираат за историјата и за тоа дали и како „учителката на животот“ може да се повторува, особено во некои слични ситуации, како што по многу индиции имаме и сега, кога Европа е практично во војна и има жежок фронт – украинскиот, во кој се вплеткани практично сите држави на северната хемисфера.
Геостратешките промени на Стариот континент започнале со аншлусот (присоединувањето) на Австрија со Германија во 1938 година и создавањето на Голема Германија, кое минало молкум кај меѓународната заедница. Но апетитите на Хитлер оделе понатаму и тој ја предизвика Судетската криза, меѓународен конфликт заради барањето на Хитлер по секоја цена да анектира област од делот на Чехословачка во кој живеело германско малцинство. Трите милиони Германци требало, велел тој, да бидат „вратени во германскиот Рајх“.
Чуму ваков вовед за темата „присоединување“ во Европа. Па, заради неодамнешниот говор на американскиот дипломат Хенри Кисинџер на Форумот во Давос.
Во понеделникот, 23 мај, преку видео врска, 99-годишниот Кисинџер рече дека неуспехот да се обноват преговорите со Русија и продолжувањето на антагонизирањето со Москва може да има катастрофални последици за стабилноста на Европа на долг рок.“
Извадок од анализата „Планот на Кисинџер и сенката на Невил Чемберлен“, од Љубомир Костовски, објавено на 28 мај, 2022 година на ЦИВИЛ Медиа.