пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Фејсбук патриотите деновиве имаат нова играчка – прогласување „предавници“ во врска со фудбалскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Косово.
Фудбалерите Албанци кои играат за Северна Македонија, како и Албанците од Македонија кои навиваат за тимот на земјата во која живеат, да ти биле „предавници“?
Имам неколку логични прашања до овие „патриоти“ и апсолутни „авторитети“ за „националната кауза“:
– Дали со оваа „теза“го прифаќате статусот на „малцинство“ за Албанците во Македонија?
Дали сте дојденци или мигранти во вашата земја и дом, па затоа требало да навиваме за „татковината“?
Дали прифаќате дека Македонија им припаѓа само на Македонците, а не и на Албанците, како и на другите кои се нејзини граѓани и суверени?
Дали ние тука имаме статус на косовска дијаспора?
Ако не ви се допаѓаат овие прашања, имам и други:
За кого навиваат Австријците или Швајцарците (кои имаат германска етногенеза) кога Австрија или Швајцарија играат против против Германија? Ако не знаете, верувам дека имате кого да прашате.
Шуќур, овојпат играта на теренот и надвор од него заврши без никакви проблеми или инциденти, напротив, во атмосфера на фер-плеј и братско пријателство меѓу двете соседни земји. А „третото полувреме“, од интензитет на жртви и скршени глави, насилно хулиганство, песни за „мртвиот и добар Шиптар“ и за „македонското девојче к.рва голема“ деградираше во вакви издишани, апсурдни и банални тези.
Наспроти прогласувачите на „предавници“, стојат сè повеќе Албанци кои ја сметаат Северна Македонија за своја држава, во целосна смисла на зборот, како стопани од дедо-прадедо, а не како ќираџии или гости. Исто како и Албанците на Косово, или оние во Албанија. Фудбалски речено, овој резултат од 3-0 што го постигнаа Албанците како народ треба да се зачува и да се ползува мудро, а не да се уништува.
А да не спомнувам дека, не само играчите, туку и граѓаните Албанци кои навиваа за Македонија, ги оставија македонските националисти без текст. Но, еве, да ти имало текст за прогласувачите на „патриоти“ и „предавници“ меѓу самите Албанци. Колку и да ви изгледа малку, и ова слободно можете да го наречете – напредок и еволуција.
#SledeTene
#PatriotiNaBaterii
#AluminiumOverMaximum