Данска денеска го презема ротирачкото шестмесечно претседателство со Европската Унија од Полска.
Се очекува владини претставници од Копенхаген да претседаваат со бројни министерски состаноци во текот на следните шест месеци и да дејствуваат како медијатори во споровите меѓу 27-те земји-членки на ЕУ.
Тематски, Данците сакаат да се фокусираат на заеднички проекти за вооружување против заканата што ја претставува Русија и зголемена конкурентност во рамките на ЕУ под мотото „Силна Европа во светот што се менува“.
Тие, исто така, се надеваат дека ќе ги унапредат законските проекти за борба против несаканата миграција и климатските промени.
Главните предизвици за данското претседателство веројатно ќе ја вклучуваат тековната унгарска блокада на Украина во преговорите за пристапување кон ЕУ и трговскиот спор со Соединетите Американски Држави.
Понатамошни спорови се закануваат околу финансиски прашања, бидејќи дискусиите за долгорочниот буџет на ЕУ од 2028 до крајот на 2034 година треба да започнат во наредните месеци.
Позициите на земјите-членки се многу различни. На пример, Германија, како нето придонесувач, се спротивставува на зголемувањето на својот буџет, кој неодамна изнесуваше повеќе од еден трилион евра.
Почетокот на данското претседателство ќе биде прославен в четврток во Архус, вториот по големина град во скандинавската земја.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објави на социјалните мрежи го поздравија денешниот почеток на шестмесечното претседавање на Данска со Советот на ЕУ.
– Добре дојде на Данското претседателство. Ви посакувам успех во наредните шест месеци, наведе Кошта.
Тој во објавата упатува честитки и до данската премиерка Мете Фредериксен.
– Драга Мете, со нетрпение ја очекувам нашата блиска соработка и се гледаме на официјалниот старт на Претседателството оваа недела во Архус!, додаде Кошта.
Фон дер Лајен, пак, упати „многу топло добредојде“ до Данска, на почетокот на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ.
– Со нетрпение очекувам да соработуваме за безбедна и конкурентна Европа. Со данскиот прагматизам и лидерство, Европа е во добри раце, додаде Фон дер Лајен во објавата, пренесе МИА.