Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија ќе ја отвори денешната онлајн дебатата „Предизвиците за родовата еднаквост во процесот на носење одлуки“, чија цел е да се зајакне вклученоста на жените во политичкото одлучување.
Организаторите на дебатата, Делегацијата на ЕУ во земјава, најавуваат дека на конференцијата ќе учествуваат и министерката за образование и наука Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, но засега нема потврда од нивните ресорни министерства.
– Учеството на женски и машки претставници од владините тела вклучени во процесот на одлучување е од огромно значење за дискутирање на конкретни акции што може да бидат преземени за подобрување на родовата еднаквост во носењето одлуки и во практиката преку родово респонзивно буџетирање, истакнаа организаторите.
Дебатата се организира во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Низ женски леќи: поткревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ и претставува завршен настан за кампањата што проектот ја спроведе во периодот од 8 март до 8 април 2021 година (Месец на родова еднаквост во носењето одлуки).
Проектот воспостави структурна мрежа и соработка со локалните власти во 17 општини (Чаир, Шуто Оризари, Илинден, Брвеница, Теарце, Кавадарци, Неготино, Делчево, Македонска Каменица, Гевгелија, Радовиш, Крушево, Кривогаштани, Струга, Вевчани, Старо Нагоричане и Липково) со цел да се изготват политики и буџети што ќе одговараат на потребите на жените и на мажите, особено во време на криза.
Проектот се спроведува од страна на Центарот за истражување и креирање политики и Новинари за човекови права, Рурална коалиција и Асоцијација на млади и Ромки – Лулуди и ЕХО – Штип, како партнерски организации.