ВЕСТ НА ДЕНОТ
Премиерот Димитар Ковачевски по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, укажа дека е добро што опозициската партија го промени ставот, односно не е против уставни промени и дека му дал понуда од пет позиции во Владата. Мицкоски, пак, нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и останатите партии, но без ДУИ.
„На средбата предложив да го направиме следниот чекор, заедно, и да ги излагасаме заедно уставните измени. Тоа е вистинското решение кое граѓаните го очекуваат од нас. Дадов предлог до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се сложат, заеднички да пристапиме кон остварување на оваа цел и заедно да ги гласаме уставните измени. Ако заедно ги изгласаме уставните измени – отворањето, подготвување на амандмани, затворањето, тогаш предложив, веднаш по последното гласање, може да одиме на избори. Тоа е став од претходните месеци кој го имам кажано. Меѓутоа во текот на изминатиот период слушајќи ги изјавите од политичките субјекти, сфатив дека за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е важно да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од партиски интерес, дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив да го изгласаме отворањето на Уставот со 2/3 и веднаш, утре дента, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Влада при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници од ВМРО-ДПМНЕ. Така ќе обезбедиме Влада која ќе обединува“, рече Ковачевски.
Мицкоски, по лидерската средба, рече дека понудата на премиерот е неприфатлива со ДУИ во Влада и побара брзи предвремени избори.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготевена да учества во истата Влада, а избори подготвува Техничка влада. Евентуални уставни измени да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на 27 земји членки на Унијата. Тој тоа го протолкува како кршење на преговарачката рамка. Тогаш му реков во ред да одиме на предвремени парламентарни избори, и да формираме влада на широко национално единство без ДУИ“, изјави Мицковски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, напиша Бујар Османи на својот Фејсбук-профил, по лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Продолжување на политичкиот дијалог и имплементација на Договорот за пријателство, се согласија Министерот за надворешни работи, Бујар Османи по телефонски разговор со заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел.
ТЕХНОЛОГИИ Компаниите за социјални медиуми, вклучувајќи ги и Гугл и Фејсбук, беа повикани од ЕУ „веднаш“ да започнат со етикетирање на содржините и фотографиите генерирани од вештачка интелигенција, како дел од низата чекори за борба против лажните вести и дезинформациите што доаѓаат од Русија, јавува „Гардијан“.
ПОДДРШКА Во општина Чаир денеска со пригодна церемонија се отвори Паркот Украина, пред општинскиот објект, во организација на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во соработка со украинската Амбасада во Република Северна Македонија.
На настанот присуствуваше и украинската Амбасадорка, Н. Е. Лариса Дир со делегација, претседателот на „Лесја Украинка“, пратеници, советници од Општина Чаир, а на зелените површини од паркот седеа ученици од основните училишта со украински и македонски знаменца, во знак на поддршка на украинските деца.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
По неколкуте напади со беспилотни летала на руска територија, вклучително и врз Москва, прекугранични акции на проукраинските руски доброволци, како и напредувањето на украинските сили на источниот фронт околу Донецк, Запорижја како и на периферијата на Бахмут, како увертира за долгоочекуваната контраофанзива која сега се засилува – Русија во обид да го одвлече вниманието и да го дестабилизира својот непријател, ја дигна во воздух браната Каховка на реката Днипро.
*
Украинската офанзива се одвива во неколку правци, уништувањето на браната Каховка нема да ги спречи украинските сили да напредуваат.
МУЛТИКУЛТУРА
Претседателот на Совет на Општина Гостивар, Валбон Лимани на почетокот на своето обраќање на јавниот настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“, вели дека пораснал во мултиетничка средина и зборува три јазици кои се зборуваат во неговата Општина.
Советничката во општина Гостивар, Афердита Хамза, на почетокот на своето излагање на јавниот настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“, вели дека пролета не доаѓа со едно цвеќе, туку мора да има повеќе цвеќиња.
Советничката во општина Гостивар, Ема Нешковска во своето обраќање на јавниот настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“, вели дека мултикултурализмот и едно општество за сите нема никогаш да излезе од мода и дека треба постојано да ја негуваме и надградуваме.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Путин рече деновиве дека очекува дека на Балканот ќе додје до нова војна. Тоа е негова битна цел, покрај обезбедувањето на доволен број сојузници во светот за војната која тој ја води против Украина. Нему му треба растоварување и пренасочување на вниманието на своите непријатели. Во исто време, Вучиќ гледа со „четири очи“ кон руските шпионски служби, Додик му асистира, а очајните обиди на Радев да не овозможи создавање на владина коалиција на прозападни основи во Софија, исто така, ги држи над водата интересите на Кремљ во земјата која е и НАТО сојузник и член на Унијата. Каде се гледа тука ролјата која Мицкоски ја игра во Македонија со својот бесмислен и тврд став кон правото на земјава да оди кон Брисел?“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Гаснење на балканските огнови од кремљовските пиромани“.

„Велат – чувај Боже од политичари кои не си го менуваат ставот и мислењето и покрај тоа што сите аргументи кои не им биле предочени пред да го формираат првиот став, сега им се дадени на тацна. Тоа се онаков тип на политичари, како Бранко, Љубчо и Грујо кои за да си го заштитат егото, ни ја кочеа државата со празни реторики и стравови последниве 30 години, пишува Јане Ѓоргиоски во колумната „Ќе смогне ли сили Мицкоски да се надмине себеси?“.

„Ќе има ли уставни промени и со тоа почеток на реформи кои се нужни? Не ги плашат политичарите идентитетските обележја што ќе бидат во опасност, не ги плашат новите барања од соседот. Ги плаши негарантираната иднина за нив поради реформите во целиот систем. Систем кој тие го градеа и чиј производ се самите. Е такви гаранции бараат од Европа и од нивните политичари“, пишува Војо Маневски во колумната „Самар“.
Д. Муратов












