Џабир Дерала, ЦИВИЛ, на вчерашното гостување во Топ Тема на Тв Телма, зборувајќи на тема Визбегово и проблемот со трите малолетници од „Ранка Младеновиќ“, што беа дислоцирани во мал групен дом, покажа и на поширокиот контекст на проблемот во Визбегово, односно децата кои живеат таму се школуваат во училишта во Скопје, но македонските деца во Карпош, а албанските во Чаир.
„Во Визбегово децата немаат услови, немаат училиште. Децата од албанската заедница се носат со мини-буси во некој дел од Скопје. Во Чаир и таму учат на албански јазик и потоа се враќаат, а децата од македонската заедница одат во други училишта. Имате деца кои ги носите во два различни дела од градот, а потоа во попладневните часови ги враќате дома. Тие нема никогаш да живеат заедно, не комуницираат и се сегрегираат“, рече Дерала сугерирајќи институциите да изградат едно големо училиште, во кое сите деца би се школувале заедно, пренесува Форнтлајн.мк.
Гости во емисијата беа и Васка Бајрамоска-Мустафа, од Канцеларијата на Народниот правобранител, Душан Томшиќ, посебен советник за социјална заштита во Министерството за труд и социјална политика и Павле Богоевски.