Categories

ЛАЖНИ ВЕСТИ Дескоска на митинг била со приватно, а не со службено возило

По вчерашното барање на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на министерката за правда, Рената Дескоска, за која тврдaт дека користела службено возило за посета на митинг, Министерството за правда излезе со демант. Како што велат се работи за лажна вест која првично беше пренесена од медиумите.

„Во дел од медиумите беше пренесена лажна вест дека министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска го користи службеното возило за да оди на собирот за поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Ваквите објавени содржини се манипулативни и невистинити, најостро ги демантираме и бараме најпрвин повлекување на ваквата вест, а потоа и јавно извинување од страна на оние кои ја споделија веста без да направат проверка на фактите.

Сите знаат дека службените возила на министрите, како од претходната влада, така и оваа, се Фолксваген – Пасат, а не како што се тврди лажно со објавената слика во која министерката влегува во возило “Мерцедес”, кое е во приватна сопственост.

Воедно, во оваа прилика сакаме да потенцираме дека лесно може да се провери сопственоста на возилото, дека истото не е дел од возниот парк на Министерството за правда, ниту пак Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), ниту пак на било која друга јавна институција…  Министерката отиде со приватно возило на нејзин сопартиец кој одеше на истиот митинг. Единствениот кој досега се возеше во она на „М“ купено со државни средства, е бегалецот од правдата, г. Никола Груевски“, се вели во демантот на Министерството.

Б. Јордановска

Print Friendly, PDF & Email