Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска, денеска за медиумите изјави дека одлуката на Врховен суд се само начелни мислења што не ги обврзуваваат јавните обвинители, што во конкретниот случај не ги спречува да постапуваат по предметите на СЈО.
На новинарско прашање што ќе се случи со предметите што се отворени по 30 јуни 2017 година, и дали по тие предмети СЈО ќе ги користие „бомбите“ како доказен материјал, Дескоска одговори дека тоа се прашања за кои се раговара во работните групи во меѓупартиските консултации.
„Мојата порака е дека ниеден криминал не смее да остане неказнет, не смее да се бараат процедурални причини за вакво или такво постапување со цел да се избегне одговорноста. Одговорност за сторените кривични дела мора да постои и очекувам дека Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став – кој ќе го продолжи гонењето“, изјави Дескоска.
На прашањето на чија иницијатива беше сменет Законот со кој се дозволи адвокати да поднесуваат иницијативи до Врховниот суд, министерката Дескоска одговори дека во моментот на промената таа не била министер за правда.
„Гледајќи ја хронологијата како што се движела и ако ја отворите веб страната на Собранието има дополнет предлог текст, кој е практично дополнет во таа одредба, претпоставувам дека тоа е произлезено како некаков компромис во делот на преговорите меѓу власта и опозицијата во тоа време за да се постигне согласност од две-третини во Собранието“, одговори Дескоска.
Б. Ј.