Министерката за правда, Рената Дескоска, изјави дека Законот за јавно обвинителство, со кој ќе се знае конечниот статус на СЈО, нема поддршка од 80 пратеници во Собранието.
„Во Министерството за правда беше изработен текст во консултација со странски експерти од кои добивме потврда дека станува збор за решение кое ќе овозможи квалитетен систем на Јавно обвинителство во коешто СЈО ќе има своја улога во гонењето на високата корупција и секако продолжување на сите предмети коишто се почнати од СЈО без оглед дали се во фаза на обвинение, дали се во истрага или предистрага. Текстот од Министерството за правда ги содржи овие одредби. Испратен е на пратениците коишто треба да обезбедат двотретинско мнозинство и се уште немаме потврда дека имаме согласност за овој закон да биде пуштен во собраниска процедура“, изјави Дескоска за медиумите.
За мандатот на СЈО, Дескоска истакна дека, во косултација со експерти, препораката била да се овозможи систем со кој нема во ист момент да бсмени целото обвинителство.
„Предложија ротирање на периодот во кој ќе се менуваат јавните обвинители. Да речеме една третина од обвинителите да се смени во еден период, потоа втората и на крај третата. На некој начин да се овозможи континуитет. И тоа е предвидено во преодните одреби во законот на правда, значи во тие две години ќе има постапно менување на обвинителите со цел новите што ќе дојдат да можат да преземат и да ги продолжат случаите коишто се почнати и она што е дадено како „know-how“ во самото обвинителство“, изјави Дескоска.
На новинарското прашање дали ќе се продолжи со усогласување на законот додека не им се одпадне на пратениците, Дескоска изјаиви дека се јасни насоките од ЕУ што треба да содржи законот.
„Секако ние тргнуваме од законски текст кој би бил идеален. Но, од црвените линии под она што значи европски стандард во регулирањето ние не смееме да паднеме, затоа што носењето на законот нема да биде позитивно оценет. Закон кој нема да добие преодна оценка во ЕУ, воопшто нема да го пуштиме во Собрание“, појасни таа.
Б. Ј.