Државната изборна комисија пред два дена (на 24 септември) на јавна седница го заклучи Избирачкиот список за локалните избори закажани на 17 октомври, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче. Вкупно во Избирачкиот список има 1.824.864 гласачи, соопшти ДИК. Кампањата почнува од утре и ќе трае до 15 октомври.
Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1. 740 147 гласачи. Во посебните извори од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на надлежниот орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 82.461 гласач, на издржување казна затвор или се во притвор се запишани 1.899 гласачи, лица кои се во установи за вонсемејно сместување се запишани 351 гласач и во посебниот извод на Избирачкиот список кои согласно евиденцијата на МТСП се водат како внатрешно раселени лица се запишани шест гласачи.
Од вкупно 80 општини, според Избирачкиот список најмногу гласачи има во општина Куманово – 93.986, а најмалку има во општина Лозово – 1.984 гласачи.