Вчеравечер пред домовите и на улиците на неколку функционери на СДСМ, се испишани пораки дека се „предавници, слуги, дека Македонија ќе ја продадат и ќе воведат двојазичност“. На улицата пред куќата на пратеникот Максим Димитриевски, напишани се пораките: „Максо гробар на Македонија“, „Максо албански слуга, „Максо предавник“…
Во разговор за ЦИВИЛ Медиа Димитриевски изјави дека ниту бил, ниту ќе биде предавник на Македонија и дека нема да го заплашат и да го запрат во неговите заложби за изградба на подобро општество.
„Тоа го направил некој гладен и бос, кој чека сендвич како награда од своите нарачатели, за да ги прикријат нивните криминали. Наскоро, ќе ставиме крај на сите неправилности и на криминалот“, истакна Димитриевски. Тој случајот го пријавил во полиција и истрагата е во тек да се најдат сторителите.
И пред домот на пратеникот Петре Шилегов сепојави порака: „Петре Шилегов дали и твоите деца гласаа за двојазичност?“.
На својот Фејсбук профил Шилегов напиша: „Друг пат, ѕвонете, бе јунаци. Ќе ви отворам, кафе ќе ви дадам, може и да ви објаснам по нешто, ако сакате да разберете. А сега, трк кај Грујо. Помогнете му да се спакува. За подолг престој“.
Во текот на ноќта се демолирани прозорците на кафулето „Излет“, познато по Шарената револуција каде што се собираа донации за плаќање на казните на демонстрантите.