Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров пред почетокот на неформалната средба на министрите за европски прашања од земјите од ЕУ, кој се одржува во Брдо, Словенија вели дека добро е што земјите кандидати се тука заедно со земјите членки на Европската унија да се разговара за актуелните прашања. Тој исто така истакна дека ќе го отвори прашањето за пристапувањето и проширувањето на Унијата, пренесува Слободен Печат.
– Го споменав зборот „криза“, кој етимолошки доаѓа од терминот „одлучувачки момент“. Сметам дека под словенечкото евро претседателство во наредните неколку недели и месеци многу ќе се приближиме до овој одлучувачки момент. Или ќе го обновиме кредибилитетот на Европската унија на Балканот или ќе го загубиме. Многу се потпираме на занаетот и мудроста на нашите словенечки пријатели, за кредибилитетот да го задржат, а не да го загубат, изјави вицепремиерот.
Вицепремиерот вели дека главна тема ќе биде справувањето со корона вирусот.
-Вирусот не знае за граници и не знае дали некоја земја е членка или пак има статус на кандидат. Дури и ако гледате географски ние сме окружени од земји членки и затоа битката треба да се води заедно со ЕУ, истакна Димитров.