„Правото на избор е човеково право. Во демократските земји ова право се практикува, а кај нас, на него сѐ уште се гледа како на привилегија”, смета Благица Димитровска, претседателката на здружението „Инклузива“ кое од 2016 година работи на зголемување на учеството на лицата со попреченост во политичкиот и изборниот процес.
„Во нашата држава сѐ уште не постои пратеник којшто е лице со попреченост, a не постои демократија доколку не се вклучат секаде овие граѓани, затоа што тоа е нивно право“, изјави Димитровска.
„Нашето мото на овие избори е ‘Инклузивни избори, овозможување на инклузивна гласачка средина за лицата со попреченост’, заедно, во соработка со Државната изборна комисија, но и со останатите организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост на гласачките места. Гласањето во домашни услови не е право, тоа е ограничување!“, истакна Димитровска.
Таа ги наброја досегашните придонеси на „Инклузива“ во изборниот процес, како што се шаблонот за гласање на слепи лица на локалните избори, граничникот за потпишување и сликовитите прикази на процесот на гласање, кои во последниот изборен процес се преземени од ДИК .
„Од нашиот последен мониторинг заклучивме дека 71% од гласачките места се физички непристапни. Образованието, вработувањето на лицата со попреченост, социјализацијата и излезот од дома се поврзани со пристапноста на избирачките места“, смета Димитровска.
Лидерката на „Инклузива“ истакна дека 40 лица со попреченост ќе учествуваат како набљудувачи на изборите.
Во името на лицата со попреченост, Димитровска апелираше да не се донесуваат закони за лица со попреченост, предизборно, по скратена постапка и со европско знаменце. Таа ги повикуваа институциите и медиумите да ги информираат и мотивираат лицата со попреченост за нивна поголема доверба и вклученост во политичките процеси.
Марија Вишинова
Камера: Трпе Стојановски
Монтажа: Ариан Мехмети