Во контекст на сознанијата на Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридни закани, (ЦХТМ) кој бележи зголемено присуство на содржини со руски пропагандни наративи во пресрет на локалните избори, го издвојуваме порталот А1он кој се труди да стане поголем „спутник“ од оригиналниот истоимен руски медиум (инаку забранет за пренесување во ЕУ и кај нас), во земјава, но и во регионов.
Во конкретниот случај, ЦХТМ анализира објава на А1он со наслов „Украинците бегаат“, во кој медиумот пренесува сторијат на (исто така забранет за реемитување) водечкиот руски пропаганден државен медиум РашаТудеј (РТ) со наслов „Речиси 400.000 луѓе ја напуштиле украинската армија“ каде се цитира извесна украинска пратеничка Ана Скороход која тврди дека речиси 400.000 украински војници ги напуштија своите единици без дозвола, а многумина немаат планови да се вратат поради ужасниот третман од страна на нивните претпоставени.
Резултатите од пребарувањето на интернет покажува дека освен А1он, пропагандниот текст на руската РТ го пренел само српскиот портал Нулта Тачка.
За релевантноста на она што го кажува украинската пратеничка Ана Костјантиновна Скороход, може да пресудите според нејзината биографија. Таа е украинска политичарка која моментално е народен пратеник на Украина, претставувајќи го 93-от изборен округ на Украина од 2019 година, избрана како член на Слугата на народот. Скороход беше исклучена од партијата во ноември 2019 година откако тврдеше дека владата го уапсила нејзиниот сопруг поради нејзиното одбивање да ја поддржи либерализацијата на пазарот во земјата.
Сега, Скороход е член на „За иднината“ – политичка партија во Украина директно поддржана од олигархот Игор Коломојски. Кој е тој? Во 1992 година беше ко-основач на „ПриватБанк“ и нејзината неформална група компании – „Приват Груп“. Подоцна, оваа групација стекна обемни медиумски удели. Од 2014 до 2016 година, Коломојски беше гувернер на Днипропетровската област, сè до неговото разрешување од страна на претседателот Петро Порошенко. Таа година, неговата недоволно капитализирана банка беше прогласена за закана за финансиската безбедност на Украина и беше преземена во државна сопственост.
Во 2019 година, медиумската моќ и финансирањето на Коломојски ја поддржаа успешната претседателска кампања на Володимир Зеленски за соборување на Порошенко. Во 2020 година, тој беше обвинет во САД по обвиненија поврзани со банкарски измами од големи размери. Во 2021 година, САД им забранија на Коломојски и неговото семејство да влезат во земјата, обвинувајќи го за корупција и закана за довербата на украинската јавност во демократските институции. Зеленски, наводно, му го одзел украинското државјанство на Коломојски во 2022 година. Подоцна истата година, средствата на Коломојски кои се сметаа за стратешка вредност за државата во светлината на руската инвазија беа национализирани. Меѓу нив беа и најголемите компании за бензин во Украина. Во 2023 година, Коломојски беше уапсен од Службата за безбедност на Украина (СБУ) по обвинение за перење пари и измама и беше ставен во притвор пред судењето, пишува Драган Мишев во анализата „ЦХТМ: Засилено присуство на руската пропаганда во македонските медиуми во пресрет на локалните избори“.
Во соработка со Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридни закани (ЦХТМ – CIVIL Hybrid Threats Monitoring Team)
ПРОЧИТАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ТЕКСТ: