Компанијата „Рад 028“ од Звечан, во сопственост на бизнисменот од северно Косово, Радуле Стевиќ, обвинет за вмешаност во вооружениот напад во Бањска, била ангажирана за над 3,4 милијарди динари, или околу 30 милиони евра. Овие работи се финансирани од српскиот буџет, а договорите се потпишани по нападот во Бањска, на 24 септември 2023 година, според јавните податоци достапни на порталот за јавни набавки, пренесе РСЕ на албански јазик.
Станува збор за 65 тендери доделени на компанијата „Рад 028“ од страна на српските привремени општински тела во Косово.
Овие работи се главно поврзани со инфраструктура и други проекти во населбите со мнозинско српско население во Косово.
Привремените општински тела работеа во Косово до 2024 година, кога косовските власти ги затворија врз основа на тоа дека се нелегални.
Сепак, тие продолжија да работат од алтернативни локации во пограничните градови во Србија.
Радуле Стевиќ е баран во Косово под обвинение за „финансирање на тероризам“ во случајот Бањска.
Во обвинението поднесено против 45 лица во септември 2024 година се наведува дека Стевиќ, свесно, преку своите деловни субјекти и економски активности, му помогнал на Милан Радоичиќ – кој ја презеде одговорноста за вооружениот напад во Бањска – и учествувал во перење пари, префрлајќи недвижен и подвижен имот на трети лица, со цел да го прикрие потеклото на имотот, пишува РСЕ.
Кривичното дело „перење пари“, за кое е обвинет Стевиќ, според Законот за спречување на перење пари и борба против финансирање на тероризам на Косово, е казниво со затвор до десет години.
Д. Т.