„Во нашиот пат за членство кон НАТО и ЕУ, Грција сега не само што не нè блокира туку и сесрдно го помага нашето забрзано интегрирање. Тоа е впрочем и нивна обврска од договорот. Односите со Грција никогаш не биле подобри. Имаме значително подобрени билатерални односи и имаше тренд на зајакнување на економската соработка. Градиме пријателство и стратешко партнерство со нив, и тоа е добро за граѓаните на двете држави“, истакна техничкиот премир Оливер Спасовски на одбележувањето на две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, во селото Љубојно.
https://www.facebook.com/o.spasovski/videos/640046506587342/?t=50
Тој додаде дека Договорот од Преспа е модел за европско однесување, модел за Балкан достоен на 21 век, како рамноправен и неделив дел од Европската Унија, и сите ние треба да бидеме горди на тоа.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев нагласи дека во меѓународната политика Преспа стана синоним за успехот на дипломатијата и дијалогот, а за нас дома тоа е Договорот кој го потврди и зајакна македонскиот идентитет.

„Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа.
Иницијативата овде во Љубојно да се отвори Центар за промоција на македонскиот јазик во просторите на старото училиште е сосема природна и соодветна. Ова заслужува поддршка заедно со сите иницијативи што последните две години доаѓаат од Преспа како тромеѓа на народи што взаемно се почитуваат.

Особено сум радосен што овој убав настан се случува во селото со преубаво име – Љубојно. Името Љубојно доаѓа од љубов, па нека се знае дека сето ова што денес се случува е од љубов кон татковината и од љубов кон македонскиот јазик“.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска на двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа најави дека ќе се отвори нов граничен премин со Грција кој ќе се вика „Маркова нога“

„Зошто идниот граничен премин со Грција во преспанскиот регион ќе се вика Маркова нога? Легендата вели дека на овој камен близу границата стапнал Крали Марко и оставил отисок што и ден денес јасно се гледа“.
Вицепремиерот Бујар Османи на својот Фејсбук профил нагласи дека поминаа само две години од историскиот договор од Преспа, а историјата веќе е поинаква, додавајќи дека Северна Македонија е 30 членка на НАТО, и на самиот праг од почетокот на преговорите со ЕУ.
Д.М.












