Закана со бомба беше пријавена денеска во просториите на Собранието на Косово, поради што пратениците и персоналот беа веднаш евакуирани од зградата, јавуваат косовските медиуми.
Веста ја потврди пратеникот на Демократската партија на Косово, Абелард Тахири.
„Закана за бомба. Не знаеме што се случува, нè замолија да си заминеме“, рече Тахири, додека ја напушташе зградата на Парламентот.
Службите за спроведување на законот ја опколија областа и се очекува да спроведат детални проверки за да ја потврдат ситуацијата. Засега нема официјални детали за природата на заканата или дали е пронајден некаков сомнителен уред.
Косовската полиција ги замоли граѓаните да ја избегнуваат областа околу Парламентот додека не се нормализира ситуацијата.
Се очекуваше косовскиот Парламент да се состане денеска, за да се направи следниот обид за негово конституирање.
Д. Т.