Пораки дека решение за високите цени треба да се бара низ дијалог меѓу производителiте и продавачите и да се почитува Законот за нефер трговски практики, беа упатени во тек на бојкотот на големите ланци маркети што се одржа вчера првпат во државава по постојаното поскапување на основните прехранбени производи.
Повикот за бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите. За износот на намалениот промет се очекуваат информации од Управата за јавни приходи.
„Ќе поддржам се што има реална основа, а има реална основа овде да се реагира. Сепак, како претседател на Комората во која членуваат и ланците маркети, ќе инсистирам да се најде решение низ дијалог. Македонија е толку поделено општество што нови поделби не и се потребни, потребен и е дијалог да ги решиме старите. Како заштитник на компаниите, дијалогот е излез од оваа ситуација, проблемот меѓу производителите и продавачите не е од сега, туку од поодамна, а може да се реши само со разговор.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира да се почитува Законот за нефер трговски практики и да не се злоупотребува моментот дека некоја надлежна институција не излегла на терен. Поради лимитираните капацитети изминатиот период не можеле да излезат на терен, но како што рече, се работи на доепикирање и ќе бидат потпишани седум согласности за вработување во Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Засилени мерки против непочитување на законот од страна на трговците, претходно најави и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Државниот пазарен инспекторат е на терен и доколку утврди неоправдан енормен раст на цените и нарушување на пазарната логика, ќе бидат искористини сите механизми што им се на располагање и ќе бидат донесени одлуки и мерки со цел да се заштити стандардот на граѓаните“, наведе Дурмиши.
Според најавите, на седницата на ЕСС задутре ќе се разговара за минималната плата, а Владата останува на ставот дека ќе го прифати она што ќе го договорат синдикати и работодавачите. Согласно законот, во март треба да се направи усогласување на минималната плата која според досегашните пресметки треба да се зголеми за 1.800 денари.
Трошоците на животот во декември годинава во однос на декември минатата година, се зголемени за 4,4 проценти, а цените на мало за 4,3 проценти.