Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. Досега вкупно се аплицирани 1.332.658 дози вакцини, а ревакцинирани се 579.358 граѓани. Заклучно со вчерашниот ден, вкупно се вакцинирале 14.159 граѓани, со прва доза вакцина вчера биле вакцинирани 3.621 граѓани, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Вкупно 54% од населението над 40 години има примено барем една доза вакцина, 29% од населението над 18-39 години имаат примено барем една доза вакцина.
Според последните податоци, најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4%, Кавадарци 62,3% и Охрид 61,4%. По нив, најмногу вакцинирани со прва доза има во градовите Гевгелија 59,8%, Берово 56%, Ресен 57,2%, Битола 55,8%, Ресен 57,2%, Пехчево 53%, Крушево 52,3%, Валандово 53,3%, Штип 51,9%, Пробиштип 50,5%. Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирано население со барем една доза на вакцина има во градовите Демир Хисар, Велес, Св.Николе, Кочани, Делчево, К.Паланка, Струга, Прилеп, М.Брод, и Скопје, а помеѓу 30-40% опфат во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Струмица, Тетово, Гостивар, Радовиш. Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во градовите Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%.
Вакцини има во доволен број и тие се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста. Граѓаните можат да се вакцинираат и без закажан термин, децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител, посочуваат од министерството.












