ЗОРАН ИВАНОВ
Лидерите на актуелниве од власта денеска нè просветлија со ниви бисери, едниот, премиерот, ќе одел во Брисел и, како што ни порача, ќе одел пак да ни го брани идентитетот, да ни ја враќал гордоста или, парафразирано така некако, другиот пак, оној до него, шефот на новите патриоти, оние од ЗНАМ де, објавија некаков текст, нешто како нон пејпер, исто така нешто за гордост и за патриотизам, некаква демек платформа за македонско национално единство, покрај она на ДПмне, некаково ново МНЕ кое ај што дрско тоа им го украде на дпМНЕ, освен ако во меѓувреме ДПМНЕ не се откажало од МНЕ, тоа не е соопштено, но сеедно, со плагијатурите нека си го решаваат таму во коалицијата, а овде, во оваа една реченица, само потсетување за двајцата дека и гордоста македонска и идентитетот македонски се запечатени и тоа и државотворно, институционално и тоа уште на АСНОМ 1944-та и дека сега по 80 години е ептен глупаво и понижувачки тоа што во Брисел ќе брани премиерот нешто што генерации и генерации Македонки и Македонци го имаат одамна и освоено и одбрането, освен, освен ако идентитетски има некаква лична дилема со тоа и, ова со вториот, со памфлет платформата патриотска во која ни се заканува дека ќе не карал и прекорувал институционално доколку, недај боже, несакајќи или сакајќи, сеедно, непатриотски кивнеме врз химната или знамето па, еве, некој и нему нека му соопшти дека државава има закони за тоа и дека изборите одамна минаа и дека ветувања крупни даваа и дека е доста со мачкање очи со гордости и идентитети туку ајде конечно стокмете една ЕУ реформа, барем една.