Пожарот кај село Раовиќ во Општина Сарај сѐ уште е активен, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), од каде посочија дека засега на неутврдена површина гори мешана шума.
Во гасење на овој пожар учествуваат припадници на специјалните единици на МВР, помогнати од француски експерти за пожари, кои биле префрлени на сртот на кањонот Матка со полициски хеликоптер и извршиле комплетна претрага и догасување на постоечките жаришта.
Денеска, во 14 часот, како поддршка се приклучил и црногорски хеликоптер испуштајќи поголема количина вода но, како што велат од ЦУК, запрепастува фактот дека и покрај осумдневното гасење е утврдено странично, повеќеметарско повторно потпалување, односно тлеење.
„Самото тоа не дозволува целосно ликвидирање на пожарот”, рече портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.
Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје е целосно ставен под контрола, информираат од ЦУК, но сртот кој ги двои двете села сѐ уште покажува активност, но денеска околу 16.30 часот. Главниот штаб при ЦУК одлучил да прати хеликоптер да исфли вода на непристапниот срт, а луѓето кои се распоредени околу сртот да извршат целосно догасување.
Според ЦУК, пожар шти избувна вчера во село Горно Мелничани, во Општина Центар Жупа, денеска бил ставен под контрола, но повторно се активирал околу 13 часот.
„Со оглед на исклучително тешката состојба со пожарот во Центар Жупа, главниот штаб на ЦУК донесе заклучок за утре од 08 часот да се активираат два хеликоптери, припадници на АРМ, припадници на специјалните полициски сили, припадници на Национални шуми, како и територијални противпожарни единици и тим на Дирекцијата за заштита и спасување кои треба да помогнат во справувањето и ставањето под контрола”, изјави Вчкова.
Од ЦУК велат дека е ставен под контрола и пожарот кај планинарскиот дом Китка, во околина на с. Црвена Вода, а локализиран пожарот во местото Кормина во близина на с. Емирица кај Кратово.
Како што се вели од ЦУК, во утринските часови е појавен пожар во местото Круша, гевгелиско, каде се изгорени два хектари квалитетна борова шума, но истиот е ставен под контрола, а на терен се екипи од Шумско стопанство „Кожув“.
М. Ј.