Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на Владата за именување на Петар Богојевски за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови – институција што има за цел да ги приближува младите кон европските вредности, а не да ги навредува и понижува.
„Именувањето на човек кој целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажување кон Албанците, претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјава. Посебно иронично и трагично е тоа што истиот овој поединец беше предмет на кривична пријава токму од партиите на ВЛЕН во Владата – а денес, со нивна поддршка, е награден со водечка функција. Овој чин е јасен сигнал: навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку и се наградуваат со државни позиции“, велат од ДУИ.
Од партијата од Мала Речица велат додаваат дека тоа претставува опасна порака дека секој што сака да гради политичка кариера, доволно е да ја понижува албанската заедница.
„Дополнително, доверувањето на управувањето со европски фондови на човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ, кои ги финансираат овие програми“, велат од ДУИ.
ДУИ повикува на итно повлекување на оваа срамна одлука и враќање на сериозноста во процесите што се однесуваат на европската интеграција, образованието и соживотот.
„Владата не смее да си дозволи да ја претвори државата во сцена за евтини провокации, на штета на соживотот и европската перспектива“, додаваат од ДУИ.