Ангела Петровска
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на вчерашниот собир на подмладокот на партијата изјави дека органите на неговата партија работат на тоа цензусот за вториот круг од претседателските избори, да бидат постигнати.
Иако за првиот круг од претседателските избори не видовме многу Ахмети и неговата партија да се посветат на поддршка за консензуалниот кандидат, заедно со СДСМ, Стево Пендаровски, на кој и патем многу ретко му го спомнуваа и името, како да не сакаа да признаат зад кој кандидат стојат.
„Мислам дека на 5-ти мај ќе се одлучува дали оваа земја ќе биде успешна и со тоа ќе испратиме порака до меѓународната заедница дека на 5 мај сме гласале за што поскоро членство во НАТО и ЕУ“, изјави Ахмети.
Ахмети на подмладокот на партијата им порача да ја направат истата уште посилна.
„Да имате успех во работата, да не се штедите, да се жртвувате, ако треба да се карате, но да имате заеднички одлуки и да ја направите ДУИ уште посилна. Ние како партија најмногу направивме за Албанците. Немавме можност да зборуваме на мајчин јазик, а сега учиме на Универзитети. Сме биле кираџии во сопствениот дом, а сега сме господари во домот“, додаде Ахмети.
Се прашувам, какви господари се сега и во кој дом?
Ахмети спомна и дека во земјава нема место за повеќе од две партии на Албанците и дека само со ДУИ може да се оди напрад. Зошто Ахмети да ги ограничува партиите и зошто на Албанците им се доволно само две албански партии? Или можеби сака да каже дека само ДУИ им е доволна на Албанците?
Продолжува и онаа пракса да се користи религијата за некаква политичка кампања или поенти, па така консензуалниот кандидат, Стево Пендаровски, по повод Велигден се појави со спот во Бигорскиот манастир, каде што им го честита празникот на православните христијани, а кандидатката Гордана Силјановска Давкова го посети Соборниот храм и Лесновскиот манастир… Кампањата за нив вчера беше ставена на пауза, или можеби не?!