Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на Основен буџет на Република Северна Македонија за 2023 година во однос на планирање, подготовка, донесување и извршување на Буџетот за 2023 година.
Основниот буџет за 2023 година, кој изнесува 261.552.000 илјади денари, бележи зголемување од 33,4% во споредба со 2022 година. Вкупните приходи и приливи во 2023 година од 260.125128 илјади денари, се зголемени за 29% во однос на минатата година, поради зголемување на домашното задолжување (146%) и задолжувањето во странство (104%). Вкупните расходи и одливи во 2023 година изнесуваат 249.364.054 илјади денари, што е 29,76% повеќе од претходната година.
Одобрените (планираните) 261.552.000 илјади денари во Основниот буџет за 2023 година се поголеми за 52% во однос на максималните износи на одобрени средства/расходи. Дополнително, со две одлуки за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите, извршени се промени во иницијалните фискални проекции. Како резултат на тоа, Буџетот за 2023 година е зголемен за 0,3% и изнесува 262.551.901 илјади денари.
Разликите меѓу максималните утврдени расходи од Владата, побараните средства од буџетските корисници и одобрените средства со Буџетот укажуваат на ризикот дека донесениот буџет од МФ можеби не ги одразува реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели.
Најголемо отстапување меѓу максимално утврдениот износ на расходи и одобрените средства е утврдено во разделот за Владата. Одобрениот буџет е пет пати поголем од планираните максимални износи. Најголемиот дел од овие средства се однесуваат на реализација на потпрограмата П1, која вклучува мерки за справување со кризата предизвикана од Ковид-19 и други антикризни мерки, соопштуваат од ДЗР.