Денеска навршува една година од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Република Северна Македонија и Грција.
Со потпишувањето на овој Договор се стави крај на 27 годишниот спор за името меѓу двете земји.
Федерика Могерини утрово од Луксембург ја честиташе годишнината на Преспанскиот договор и ги повика земјите членки да донесат позитивна одлука за преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Денеска е една година од потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Северна Македонија и Грција и мислам дека треба да се потсетиме на моќта на храброста и лидерството, и важните чекори кои се преземаа на Балканот. Се надевам дека земјите членки ќе се сетат и ќе оддадат признание за овие чекори, посебно во наредните денови кога важна одлука треба да се донесе за отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија, одлука што треба да се донесе во најкус можен рок“, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург со кој таа претседава.
Могерини ќе го започне денешниот состанок со неколку збора за Преспанскиот договор и ќе им упати слични пораки на министрите на земјите членки на ЕУ утрово.
Со ист став е и германскиот амбасадор Томас Норберт Герберих, кој вчера ден пред одбележувањето на годишнината од потпишување на договорот, заедно со францускиот амбасадор, посадија дрвца во Преспа, во знак на пријателство помеѓу двете земји.
Договорот според германскиот амбасадор Герберих има историска димензија бидејќи на мирен начин е решен спор, исто како што Франција и Германија воспоставија мир и станаа пријатели иако пред 100 години војуваа една против друга на бојно поле.
„Република Северна Македонија треба да добие датум за преговори. Во претходните две години, државата и Владата направија сè што е потребно. Мислам дека Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори“, изјави Герберих.
Според него најдобро би било Македонија и Албанија заедно да влезат во Европската Унија, но дека доколку е потребно, треба да се размисли за раздвојување за да не се казни една држава поради неисполнувањето на друга држава.
„Јас мислам дека најдобра идеја би било да влезат заедно во Европската Унија. Многу е важно Западен Балкан како регион да има заеднички пакет, но доколку е потребно треба да размислуваме и за раздвојување со цел да не казниме една земја поради неисполнувањето на друга држава. Сепак е процес за кој треба земјите членки да размислуваат“, додаде Герберих.