Деновиве зграпчив малку повеќе време за пребарување по информативните портали. Од многуте наслови вниманието ми го привлече текстот со наслов Една поинаква предреферендумска приказна обајвен во ЦИВИЛ Медиа, а напишан од Ангела Петровска.
Приказната навидум е обична репортажа од активностите на ЦИВИЛ, но всушност истата е полна со многу силни пораки до институциите и лидерите што ја воделе или ја водат државата. Крајот на приказната е исполнет со гнев кој другарите на авторката го упатуваат кон државата, но и неизмерната надеж кај авторката дека „ можеби работите ќе почнат да се менуваат и тргнат на подобро, по референдумот“.
На патувањето авторката, добива информации за неубави работи во Република Македонија. Понесена од желбата да се подобрат состојбите, таа на своите другари им го поставува суштинското прашање: Зошто да не направиме ние нешто тука? Но, наместо поддршка, добива прашање: Што ми дала на мене оваа држава, за јас да сакам да останам тука?
Навистина ние изгубивме скоро три децении чекајќи државата да ни даде нешто. За жал, и тие што ја водеа државата и населението чекаа државата да им даде нешто.
Всушност, што ние дадовме на државата за таа да ни возврати?
Да се потсетиме, за да функционира суверена држава, таа треба да има одредена територија, постојано население и власт која се практицира на територијата и поседува сила да го принуди населението да се однесува како таа ќе одреди.
Територијата како белег на државата е природата во која ние живееме и од соседите не разграничува со државната граница. Иако мала по површина територијата на Република Македонија ни дава прекрасни езера, планини, шуми, чист воздух и бистри потоци и реки. Природата ни дала и рудни богатства, родни полиња, богата флора и фауна и сѐ друго, освен излез на море.
Што и даваме на природата, а со тоа и на државата?
На секој излет во природата, традиционално, отпадоците ѝ ги оставаме на природата. Реките ги преполнивме со секаков вид ѓубре. Навика ни е отпадоците од хартија да ги фрламе на улица покрај кантите, а селектирање на отпадот е лекција што допрва треба да ја научиме. Градежната мафија го уништи животниот простор. Покрај патиштата може да видиме од загинати животни до запалени диви депонии. Токму нашиот однос кон природата нѐ прави поразлични од западните култури. Ништо не даваме, а многу бараме.
Вториот белег на државата е населението. Тоа сме ние, граѓаните на Република Македонија. Колку и да сме, нѐ има доволно да се испокараме, поделиме, навредуваме и едни на други да не им го даваме тоа што им следува.
На сите нам ни следува можноста да уживаме во сите граѓански, политички, економски и социјални права. За жал, функционирањето на нашиот систем тие права не ги прави достапни до сите под еднакви услови. Самите патентиравме нов изум, тие права подостапни да бидат до членовите на партиите на власт.
Секој поединец во општеството треба да се однесува според одредени правила и норми. Својата индивидуалност треба да ја прилагоди кон потребата за заеднички живот со другите. Професионалност во работата, културно однесување и почитување на законите е минимумот што треба да го даде секој од нас.
За жал, во пракса, место професионализам се преориентиравме на партизам. Наместо култура, практицираме ароганција. Наместо да ги почитуваме законите и секому да му дадеме тоа што му следува по закон, бараме начин нешто да му скратиме.
Колку ќе биде убаво да видите поединец на своето работно место како љубезно ви се обараќа, внимателно ве сослуша, со насмевка на лицето позитивно ќе го реши вашето барање и се радува што ве направил среќен.
Третиот белег на државата е легално избраната власт. Суверената власт треба да функционира на целата територија и да поседува способност за развивање и негување односи со други држави на рамноправна основа.
Што може да ни даде демократски избраната власт?
Законодавната власт треба да изготвува закони усогласени со законите во ЕУ. Закони кои ќе овозможат поединецот да ги остварува своите права и обврски.
Судската власт треба да обезбеди правда, правичност и еднаквост пред законите за сите граѓани.
Извршната власт преку своите институции треба да е сервис на граѓаните.
За жал, скоро три децении, освен ветувањата, власта не ни даде ништо друго. Во предизборниот период ни ветуваат мед и млеко, а потоа цел мандат нѐ убедуваат дека тие прават неопходни трансформации и реформи и токму од нив почнуваме да се приближуваме кон посакуваните цели ЕУ и НАТО.
Многу реформи и трансформации започнавме и исто толку не завршивме. За жал, покажавме дека немаме капацитети да спроведеме квалитетни и суштински реформи во општеството.
Законодавниот дом, наместо со закони по стандардите на ЕУ, сѐ уште се бави со детски игри и закони за задоволување на своите потреби.
Судската власт, наместо да го спроведува законот, сѐ уште е под силно влијание на политичките партии.
Извршната власт, наместо да ги организира институциите да бидат високо професионален сервис на граѓаните, најчесто е агенција за вработување на партиски активисти.
Скоро една десетина од вкупното население ни е вработено во администрацијата и, наместо да сфатат дека се даватели на услуги на граѓаните, тие водат политика и чекаат државата нешто да им даде.
Сите знаеме дека денот после референдумот сонцето ќе изгрее на исток и зајде некаде на запад. Наместо професионалност во работата, сите со денови ќе водиме политика околу референдумот и иднината на државата.
Многу изгрејсонца и зајдисонца ќе си поминуваат, а ние ќе чекаме државата нешто да ни ДАДЕ.
За да тргнат работите на подобро, не е доволен референдум или избори. Потребно е да направиме промени во размислувањата, сфаќањата, однесувањето, професионалноста на работното место, почитувањето на законите, почитување на тие околу нас, почитување на околината и многу други промени кај самите нас.
Не треба да чекаме референдуми или избори за да се промениме, туку тоа да го направиме што поскоро. Ако не се промениме, ќе ни поминат многу денови и години во чекање. За жал, и животи.
Авторот е магистер по национална безбедносна стратегија.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.