Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност да продолжат со изградбата на железничкиот Коридор 8, соопшти Европската комисија. Како што информираат оттаму, ова бил исходот од средбата на високо ниво меѓу Бисер Минчер, бугарски заменик-министер за транспорт и врски, Стефан Волкановски, државен секретар во Министерството за транспорт на Северна Македонија, Синиша Ивановски, директор за железничка инфраструктура во Северна Македонија, Комисијата на ЕУ, финансиските институции ЕИБ и ЕБОР и Секретаријатот на транспортната заедница.
„Двете земји се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8. Дополнително, министерствата ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот. Северна Македонија и Бугарија ја поздравуваат поддршката на координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот 8“, наведено е во соопштението.
Коридорот VIII е важна железничка врска за целиот регион и ЕУ. Ќе донесе побрзо патување за стоки и патници, зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкурентност на Западен Балкан.
„Комисијата ја поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка од суштинско значење за иднината на двете земји“, се додава во соопштението на ЕК, пренесе МЕТА.