Еколошкото здружение Еко-Герила предупреди дека два дена недостиг на вода во Тетово е можно поради честите дефекти на новоизградената мрежа во Лешница што не само што остава сериозни сомневања за квалитетот на градбата, туку предупредува дека е потребно испитување од независни експерти на нивото на изградбата на оваа мрежа и потребните стандарди и параметри за нормално функционирање и редовно снабдување со вода за пиење на Тетово.
„Директорката на Инспекторатот за животна средина Ана Петровска, неодамна предупреди дека со изградбата на хидроцентралата на Шар Планина во Лешница, водата за пиење може да биде загадена и граѓаните на Тетово да бидат загрозени да останат и без вода. Изградбата е на само 300 метри близу до каптажата. Затоа, контролата на целата документација за градежни дозволи издадени од Општина Тетово за овие хидроцентрали мора да помине од експертска анализа. Последиците од овие градби од хидро–мафијата го загрозуваат Тетово и околината за правото на вода за пиење. Трпението на граѓаните е при крај. Некој треба да преземе одговорност за ова“, велат од Еко-Герила.
И Јавното комунално претријатие „Тетово“ соопшти дека се воведуваат рестрикции во водоснабдувањето поради драстично намалување на дотокот на количини на вода по дефект на главниот цевковод од новиот систем.
За да се ублажи ситуацијата со недостигот од вода за пиење во градската водоводна мрежа, ЈКП „Тетово“ извести дека се активирани четирите бунари во градот Тетово, бунарот кај спортски центар, кај клиничка болница, кај поранешната фабрика ЕТКО и кај средното стручно училиште „Моша Пијаде“.