Настаните во Буча, Ирпин и Краматорск ги засенија напорите на Турција за мирно решавање на војната што Русија ја покрена против Украина. Сепак, Турција ќе продолжи да прави напори за продолжување на преговорите, останувајќи подготвена да организира самит меѓу претседателот Володимир Зеленски од Украина и рускиот претседател Владимир Путин, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на средбата со странските амбасадори, пренесува Укринформ.
„Снимките од Буча и Ирпин и нападите врз цивилите во Краматорск ги засенија нашите напори ( за мировен договор)… Како земја на која и веруваат двете страни, ние ги продолжуваме нашите напори. Процесот во Истанбул останува најсигурен, бидејќи е најкраткиот пат за излез од кризата“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција рече дека останува во контакт со претседателот на Украина, Володимир Зеленски и со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и ја истакна својата подготвеност да им помогне на двајцата да разговараат.
„Нема да има победник во оваа војна бидејќи целото човештво ќе загуби. Всушност, како што конфликтот продолжува, и човечките загуби и економските трошоци се зголемуваат. Нашиот свет се движи кон голема неизвесност“, рече турскиот претседател.
Ердоган рече и дека Турција ќе продолжи со напорите за постигнување на задоволителен исход од разговорите во Истанбул, што ќе ги задоволи и страните во конфликтот и меѓународната заедница.
Подготви: Д.Мишев