На 23 октомври, лидерите на ЕУ ќе ѝ дадат задача на Европската комисија да изготви законски предлог за користење на приходите од 176 милијарди евра замрзнати руски средства, со цел финансирање на Украина преку т.н. „заем за репарација“. Средствата, што се чуваат во белгискиот Евроклир, нема да бидат конфискувани, туку привремено искористени за издавање обврзници, кои ќе го поддржат буџетот на Украина во периодот 2026–2028 година, пишува РСЕ.
Парите ќе треба да се вратат само ако Русија плати воени репарации. Се очекува Украина да добива околу 45 милијарди евра годишно. Средствата ќе се користат делумно за одбранбена индустрија, а дел и за буџетска поддршка.
Предлогот сè уште се соочува со правни, политички и економски дилеми – особено поради стравувањата на Белгија и Европската централна банка дека овој потег може да ги одврати другите земји (како Кина) од чување средства во Европа. Постои и ризик Белгија да сноси трошоци ако Русија покрене тужба.
Иако не е потребна едногласност, се очекува поддршка од што повеќе земји-членки, како и од партнери од Г7, за да се зајакне легитимноста на иницијативата и да се спречат негативни економски последици. Планот може да биде усвоен до крајот на годината.