Европската унија воспостави хуманитарен коридор за бегалците од Украина, пренесува информативната агенција МИА.
Речиси половина милион бегалци пристигнаа на полска територија од Украина од почетокот на руската инвазија минатата недела, соопштија денеска полските власти.
„Имаме обврска да им помогнеме на нашите соседи и тоа го правиме. Воспоставивме хуманитарен коридор и ги забрзавме сите процедури што можеме на наша страна“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки пред посетата на граничниот премин Корчови со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Тоа го пофали папата Франциско во Рим: „Вие сте први што ја поддржувате Украина, отворајќи ги вашите граници, срца и врати за Украинците кои бегаат од војната“.
Мишел рече дека е важно сите земји-членки на ЕУ да покажат солидарност во украинската криза и да направат се што можат за да ги поддржат Украинците кои бегаат од рускиот напад.
Руската инвазија, која започна минатата недела по неколку месеци негирање на Москва дека се подготвува да го стори тоа, принуди стотици илјади цивили да побегнат на запад.
Освен во Полска, бегалците заминаа и во други земји.
-Речиси 120.000 пристигнаа во Романија, но повеќе од половина веќе заминаа во други земји, оставајќи околу 46.000, рече премиерот Николае Чиука.
Чешките власти регистрираа 20.000 бегалци од Украина.
„Бранот бегалци расте“, рече премиерот Петр Фиала, додавајќи дека владата воспоставила телефонски линии за итни случаи и повика на отворање на прифатни центри во сите чешки административни региони.
Дојче бан објави дека заедно со другите европски железнички оператори вовеле 40 меѓународни брзи возови во Германија за транспорт на бегалците кои пристигнуваат во Австрија, Чешка и Полска.
Патувањето е бесплатно како и континуираното патување за оние кои сакаат да одат во земји како Белгија, Данска, Франција, Луксембург, Холандија и Швајцарија