Поранешниот претставник на НАТО, Питер Фејт, во своето обраќање на конференцијата „По Охрид“, порача дека Охридскиот рамковен договор е прилично уникатен и дека за неговата одрживост од големо значење била посветеноста на реформите во насока на неговото имплементирање.
„Доколку ги погледнеме првите заеднички цели, кои беа да сопре насилството, да се избегне ширење на конфликтот во регионот и да се спречи мизеријата на населението засегнато од насилствата, мислам дека времето на спроведување на акциите и интервенциите беше успешно и би сакал навистина да оддадам лична почит на храброста и лидерството на починатиот претседател Борис Трајковски и неговиот тим, во кој како што знаеме беа вклучени и некои што денеска се токму на највисоката позиција во земјата – Стево Пендаровски“, изјави Фејт.
Охридскиот рамковен договор, посочи Фејт, сега се споменува во преамбулата на Уставот на Северна Македонија.
„Со амандманите на Законот за употребата на јазиците ние сега сме кон заокружувањето на имплементацијата на овој договор. Мислам дека ова е фантастичен резултат и тоа дава содржина на оваа прослава“, истакна Фејт.
Во однос на помирувањето и одбележувањето 20 години од потпишувањето на договорот, Фејт посочи дека неговото прашање, би било дали било и се уште е остварено помирувањето.
„Ова е процес за кој што е потребно долго време. Тука гледам дека постои општа подготвеност во насока на толеранција и напуштање на нетолеранцијата, преодна правда и трпелива работа во насока на подобра иднина на Северна Македонија, изјави Фејт.
Во Северна Македонија, нагласи Фејт, можам да констатирам дека навистина постои темел за постигнување на помирување и вртење нова страница.