Добро е што Мицкоски сфатил дека народот има очи да гледа и памет да размислува. Свесен е дека не му поминуваат лагите кои четврта година како локална власт и една година како апсолутна централна власт ги кажува, во објава на социјалните мрежи пишува претседаателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Најдоброто допрва доаѓа“ е најлошиот слоган за кампања и потценување на интелигенцијата на граѓаните. Што е тоа што „допрва ќе дојде“? Не беа доволни четири години локална власт и една година централна власт за да направите нешто?, прашува Филипче.
„Срамно е Мицкоски да зборува за правда. Направи сè за да ги скрие од одговорност неговите луѓе кои се директно одговорни за најголемата трагедија во историјата на модерна Македонија. Луѓе кои биле финансиери на партијата, но за тоа ќе слушнат граѓаните од утре, исто како што ги објавивме оние кои ги криеја со месеци.
Мицкоски зборува за раст на економијата. Јас не верувам дека постои барем еден човек надвор од неговото опкружување што верува во оваа приказна. Според Евростат, Македонија е земја со најлош животен стандард во Европа. Стагнираат платите, дивее инфлацијата, државниот долг е зголемен за 7 милијарди евра. За цело ова време Владата се луксузира со приватни авиони, јаде папаја и манго, се шета по најскапите хотели во светот.
Сакам да го прашам Мицкоски, каде е тужбата за „Бехтел и Енка“? Сега дури и Трајко Славески најави дека ќе се зголеми трошокот за тој проект за 700 милиони евра, од 1.3 милијарди како што беше договорено на 2 милијарди евра. Кој се „вгради“ со проценти во овој договор?
Тоа што Мицкоски пробува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена беше откриена таа негова намера не е „кодошење“ туку патриотизам. ВМРО, НОБ и АСНОМ се генеза на борци против диктатура, авторитарни режими и врховисти.
Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот. Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое може еден Македонец да го направи.
За крај, ВМРО-ДПМНЕ е четири години власт во Битола. Се прашувам, нели му беше непријатно на Мицкоски да се вози по дупките до „Хераклеја“ и џунглата околу локалитетот која со години не е средена“, истакна Филипче.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од Хераклеа порача дека Владата ќе продолжи со имплементација на конкретни проекти кои ќе донесат вистински економски развој и подобрување на стандардот.
Целта на Владата, истакна во обраќањето по повод 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, е да изгради праведно општество во кое нема да има привилегирани, туку ќе има правда за сите и за тоа, потенцира, ќе биде безмилосна кон секој што ќе ја злоупотреби довербата на народот.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но, денес, нашата држава е една од најбрзорастечките во Европа со четвртиот највисок економски раст. Сепак, силна Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои не дефинираат како народ. Конзервативните вредности на семејството, традицијата, трудот, честа, нацијата, редот, правдата и одговорноста се нашиот стожер. Тие вредности не водат низ темнините и не крепат во време на предизвици. Секоја промена почнува од дома, од личната одговорност и од свеста дека само заедно можеме да направиме голема разлика“, истакна Мицкоски.
Сепак, укажа, не треба да се фалиме со бројките.
Д.М.