„Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе. Волјата на жената е на прво место!“, напиша на Фејсбук, министерот за здравство Венко Филипче.
Одлуката за прекин на бременоста како посебна медицинска интервенција за која треба слободно да одлучува бремената жена се заснова на дадена согласност свесно, без принуда од кого било и врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата. Прекинување на бременоста како и досега ќе се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение.
„Со донесувањето на овој закон на жените им се овозможуваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената, со цел да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност, а воедно се укинуваат административните бариери, односно чекање три дена по советувањето. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да ѝ го одземе. Волјата на жената е на прво место“, велат од Министерството за здравство.
Д.М.