„Есенскиот бран на новозаболени од ковид-19 го зголеми бројот на приеми на Клиниката, така што од попладнето се пополнети сите кревети. Поради тоа во функција го ставаме модуларното одделение“, изјави вчера Филипче за „360 степени“.
Тој потврдил дека на Клиниката за инфективни болести во Скопје се исполнети сите кревети и од вечерва се активира модуларната болница поставена во близина на клиничката зграда.
За да се одговори на зголемените потреби на Инфективната клиника, на помош е дојден персонал – доктори и сестри, од Клиниката за пулмологија и алергологија и од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, известуваат од порталот.
Освен Клиниката, полни се и инфективните одделенија во болниците во неколку града во земјава што налага прераспределба на дел од пациентите од тие во други места.
– Нема потреба од паника, здравствениот систем е подготвен да се справи со состојбата, но треба да се почитуваат мерките и препораките, вели министерот Филипче за „360 степени“.