На Европската Унија и е потребна политичка волја за да продолжи напред со заедничките напори на сите институции, земји членки, граѓани и индустријата за зајакнување на нејзината конкурентност, бидејќи неактивноста едноставно не е опција, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање во Европскиот парламент во Стразбур.
– На сите ни се потребни побрзи одлуки, бидејќи трката по чиста индустрија само ќе се забрзува. Изборот е јасен. Можеме или да застанеме и да заостануваме или можеме да изградиме работни места на иднината токму тука во Европа. Да се потрудиме заедно тоа и да се случи, рече Фон дер Лајен на дебатата посветена утрешниот Самит на ЕУ.
Фон де Лајен нагласи дека на Самитот ќе се разговара за одбраната, при што ЕК ќе го презентира Патоказот за одбранбена подготвеност на ЕУ, како и за предлогот за т.н. заем за репарации на Украина, но дека значаен дел од расправата ќе биде посветен и на конкурентноста и декарбонизацијата.
Во тој правец таа нагласи дека паралелно со подемот на чистата технологија во Европа, што придонесува за зајакнување на нејзината енергетска безбедност и економски можности, насекаде на светот се инвестира во обновливи извор на енергија, при што лани се реализирани инвестиции во капацитети со вкупна моќност од рекордни 580 гигавати.
– Прашањето за нас е дали сакаме да ги искористиме придобивките од овој глобален бум на чиста технологија или само ќе дозволиме другите да профитираат од него. Немам ни најмал сомнеж за одговорот. Европа е светски лидер во чистите иновации, рече Фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ не смее да си дозволи да западне во нови и опасни зависности во снабдувањето со клучни производи или технологија, затоа што тие зависности можат да се претворат во инструменти на притисок.
– Европа мора да ги контролира технологиите што ќе ја обликуваат нашата иднина, производството што ја поттикнува нашата благосостојба и клучните суровини. Исто така, треба да бидеме многу јасни во одлучноста дека ниедна земја не треба да има можност да ја поткопа нашата економска безбедност. Значи, да бидеме многу јасни меѓу нас: Европа мора да ги контролира стратешките чисти технологии и производството. Бидејќи чистата технологија не е само алатка за намалување на емисиите. Таа е клучна за нашата конкурентност и клучна за независноста на Европската Унија и мора да се бориме за неа, додаде претседателката на ЕК.
Според неа, зависноста од увозот фосилни горива и нестабилниот глобален енергетски пазар резултираат со високи цени на енергијата, што врши дополнителен притисок врз конкурентноста на ЕУ.
– Најниски цени за енергија има во земјите што произведуваат изобилство енергија со ниска содржина на јаглерод – без разлика дали е тоа сончева, ветерна, хидро, геотермална или нуклеарна. Значи, патот напред е јасен. Мора да продолжиме да инвестираме во домашна чиста енергија, заклучи Фон дер Лајен, пренесе МИА.