ОЛИВЕР АНДОНОВ
Всушност, почитувани читатели, оваа колумна е резултат на по кој знае кој пат прашањето поставено од мнозина: „Зошто Внатрепартиска фракција за демократизацција и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“?
Колумната која е пред Вас можете да ја гледате и во контекст на моето интервју во
емисијата „во Центар“, со Васко Ефтов кое вечерва ќе се емитува. Впрочем, манипулациите со членството заради лични интереси започнати во времето на Груевски својот врв на недемократски и авторитарни тенденции со потполна манипулација на граѓаните на Македонија го имаат денес со Мицкоски.
И доколку во времето на Груевски преку ПР стратегијата на Протуѓер се манипулираше со членството на партијата на сите нивоа, во насока на градење внатрепартиска дисциплина на исполнителност, денес во времето на Мицкоски таа активност не е воопшто променета. Дури истата е и надградена со сите лоши карактеристики од Протуѓер, неуспешните ПР активности на Ѓорѓиев, лошите одлуки на Груевски, силното влијание на Мијалков и суетата на Мицкоски до
степен на лична лојалност кон Мицкоски. Таа лична лојалност поедини наши сопартијци скапо ја платија, ја плаќаат и ќе ја плаќаат и во иднина доколку не се вразумат и охрабрат јавно да ја поддржат Внатрепартиската фракција, наместо што избираат револтирани од не знам какви причини или пак уплашени, а некои и уценети да се сокријат во глувчешка дупка и да жалат над својата судбина и тоа што биле „изработени“, наместо да се борат, пред се за партијата и Македонија.
Во една ваква комбинација постојано се поместуваат границите на манипулација и со граѓаните на Македонија, особено со повозрасните граѓани кои секојдневно се напаѓани од медиумите кои пак во Македонија се про владини или поточно про режимски. Овие атаци врз здраворазумското расудување засновани врз не реално-не вистинито информирање имаат за цел држење под контрола на општествената когнитивност на повозрасниот дел од македонските граѓани и на оние кои се аполитични или до толку бедни и економски зависни што за „парче леб“ сѐ би сториле. Ние како внатрепартиска фракција имаме потполно јасна слика за нивната положба и во општеството и лична, бидејќи во таква состојба имаме и наши сопартијци а токму нив најжестоко ги манипулираат и злоупотребуваат за политичка поддршка која всушност е поддршка на лукративните интереси на Мицкоски и раководството на партијата. Да не е така, нема да имаме состојба од енормни трошоци за патувања во странство на огромни владини делегации и никаква полза за државата а со тоа и за токму овие најранливи категории граѓани.
И токму тука имаме едно прашање до Мицкоски: „Доколку навистина се грижиш за постарите наши сограѓани зошто не направи државна стратегија за изградба на повеќе домови за стари лица и центри за дневен престој, како и систематска социјална и здравствена заштита со редовни и задолжителни програми?“
Едноставно и полесно беше да ги купи со по 85 евра покачување на пензиите и тоа
преку задолжување. Но не е темата на оваа колумна „успесите“ на Мицкоски во остварувањето на 1.198-те проекти од кој ниту еден стратешки проект не гледаме а и нема да видиме, или патувањето во Валенсија на конгресот на ЕПП и средбите од нога, или пак патувања на државна сметка со огромни делегации, а потоа глумење шпицен градоначалник во сите општини во Македонија, само и само да не се зафати со конкретна работа на државни повеќегодишни и суштински проекти или
пак донесување и спроведување на неопходни законски решенија. Ова само како мало потсетување за активностите на еден моментално премиер кој сака да биде во исто време и градоначалник на цела Македонија, а не е способен да води ниту месна заедница.
Токму заради остварување на еден ваков модел на владеење, за Мицкоски е неопходно да одржува цврста внатрепартиска дисциплина заснована врз потполн тоталитаризам и беспоговорно извршување на директивите од врвот. Како што и самиот Мицкоски употреби еден многу интересен термин од времето на комунизмот „монолитност“, употребувајќи го во контекст на партиското единство и нескршливост на „партијата тоа сум јас“. Поголем експлицитен доказ за комунистичката матрица заснована врз идеологија на тоталитаризам, вметната како код во современото ВМРО-ДПМНЕ од страна на УДБА, а при тоа глумење на демократска конзервативна партија и тоа изречено од устата на Мицкоски низ терминот „монолитност“, не постои.
И тоа што е многу интересно за политичко-психолошка анализа на нашите сопартијци во ВМРО-ДПМНЕ е токму слепата послушност најчесто мотивирана од остварување на лични лукративни цели што е карактеристика за повисоките партиски функции. Нашите сопартијци – обични членови слепо и послушнички покажуваат лојалност од две причини:
Прво, затоа што веруваат на ВМРО како историска ретроспектива за борба на Македонскиот народ за сопствена држава и при тоа длабоко потсвесно мислат дека ВМРО-ДПМНЕ (раководството на партијата) се бори за Македонија. А нив Македонија како и нашето членство не ги интересира, тие се борат за остварување на сопствените лукративни цели и интереси. Токму користејќи ја оваа
неукост на нашето членство, актуелното раководство ја киднапира каузата на ВМРО но за остварување на сопствени (во тесен партиски круг) лукративни интереси. Доказ за неукоста и незнаењето, до степен на непознавање на историјата на ВМРО, а преку тоа и историјата на Македонија претставува поддршката која на социјалните мрежи токму нашето членство, нашите сопартијци ја даваа масовно на одбележувањето на 110 години од Валандовската операција организирана од страна на српските партии коалициони партнери на Мицкоски. Такво воодушевување тешко може да се види на социјалните мрежи како што покажаа нашите сопартијци во славењето на историската велико српска идеја кон Македонија, а против македонските чети на ВМРО кои во 1915 година се бореа токму против тогашниот српски окупатор на Македонија.
Второ, затоа што нашите сопартијци очекуваат да добијат од партијата некое работно место, унапредување и слично. При тоа поголемиот дел од нив се надева дека на тој начин ќе ги реши сопствените или на своите блиски (најчесто деца-внуци) егзистенцијалните прашања за минимална плата. Потполно се несвесни дека напротив влегуваат во волшебниот круг во кои постојано ќе мора да се оддолжуваат на Мицкоски како да тој лично им дал нешто од неговото наследство, а не како тоа да е човеково право на секој слободен човек во нашата Македонија.
Кај посвесните, особено помладите, доаѓа до отрезнување и затоа заминуваат надвор од Македонија за никогаш да не се вратат. Па така овие наши сопартијци всушност си прават „мечкина услуга“. Кон оваа група на наши сопартијци, колоквиално наречена „обично членство“, ПР стратегијата на Мицкоски успешно ги комбинира првата и втората причина, но постојано продавајќи им надеж
дека еве само што не биднала работата, особено со вработувањата и на тој начин од избори до избори ги држи во очекување за да не следат политики и реален живот туку исклучиво партиски насоки.
Втората група се таканаречените партиски функционери на пониско ниво кои во својата беспоштедна борба за некое директорско место или напредување во партиската хиерархија, подготвени се се да сторат за да ја докажат својата лојалност. Кога велиме СЀ, ама буквално СЀ.
Тие како и мнозина од највисоките партиски ешелони се потполно свесни дека да не е партијата тие на пазарот на трудот би биле невработливи, а со својот интелектуален капацитет не можат да си го средат сопственото семејство и дом, а некои од нив и се оженија благодарение на партијата, па така преку интриги, сплетки, додворување и разни кулоарски игри во нашата партија се доберуваат до некакви си партиски и политички функции. Шансата ова да го видите во живо ќе ја
имате доколку кон крајот на летото кога ќе се прават листите за советници и градоначалници. И сега, замислете кој се утре треба да ви ја води општината или државата, впрочем, да одлучува за нашите животи и секојдневие. Малку е лудо тоа што самите на себе си го правиме или малку повеќе.
И сето ова добро му е познато на ПР тимот на Мицкоски. Впрочем уште Ерик Барнс во својата „Пропаганда“ го утврдил ова, а самиот Гебелс го усовршил и тоа не е ништо ново ниту за нас во Македонија. Ново е тоа што и покрај неограничените можности за образование, лично и професионално усовршување и можност за информирање од повеќе извори, нашите сопартијци се подготвени да бидат слепо послушни и полтрони на Мицкоски и неговите клиентелисти. Згора на се, подготвени се да се приклучуваат кон неколкуте неформални групации во партијата како кон кланови и во секој случај да бидат КОРИСНИ ИДИОТИ работејќи повторно за туѓи интереси заткулисно во партијата. А пред очи ви е Внатрепартиската фракција која ви нуди политичка активност во јавните политики во сите области и тоа во партијата, без било каква потреба од заткулисни игри, денунции, дискредитации, местенки и озборувања на сопартијците. Во исто време се покажува некоја „чудна“ подготвеност за прифаќање на јавно изречените лаги и
дезинформации од страна на потесното партиско раководство. Веројатно за да се покаже беспоговорна лојалност дури и кон очигледните лаги, само затоа што се изречени од семоќниот партиски функционер од кого чекаме „парче леб“. Така самите себе нашите сопартијци без разлика на образованието и општествениот и економски статус, доброволно се ставаат себеси во состојба на корисни идиоти.
Токму за да не бидете корисни идиоти и да учествувате во партиските активности и
креирање политики, а не да бидете само послушни и дисциплинирани спроведувачи на директивите од горе, се појави Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Ние не сме утописти и добро знаеме со каков интелектуален потенцијал и во какви економски услови треба да работиме во партијата. Како што знаеме и какви се намерите на Мицкоски и неговото раководство поради што се подготвени на секој начин да се пресметаат со „непослушните“, а посебно со здраворазумските и слободно мислечките членови на партијата.
Сепак, тоа нас нема да не спречи во остварувањето на основната цел, демократизација на партијата и освестување на нашите сопартијци за нивното изворно и клучно значење во партијата која Е НИВНА, а не на Мицкоски. Мицкоски или било кој друг не е сопственик – газда на партијата, сопственици на партијата се членовите – СИТЕ НИЕ.
Најинтересен дел за анализа и одговор на основното прашање на оваа колумна се нашите сопартијци кои се и професионално и интелектуално квалитетни, образовани и вработливи, но кои почитувајќи хиерархија и очекувајќи партиско-политички функции се лојални на барањата поставени пред нив од Мицкоски. Тие ги извршиле барањата од Мицкоски, а потоа во критичен момент се „пуштени низ вода“, односно за да себеси се заштити Мицкоски преку ноќ ги пушта низ вода, буквално прекинувајќи секаква лична и партиска комуникација со овие луѓе.
Најпрво збунети и изненадени од не академското однесување на Мицкоски (тоа изненадување и јас лично го доживеав), тие се повлекуваат во себе и во свој круг на пријатели кои во тој миг гледаат дека ги немаат многу. Дури и за оние кои медиокритетите од партијата им ги претставувале како непријатели сега можат да видат дека не им биле никогаш непријатели и дека сите непријателства биле вештачки создадени и креирани од раководството на партијата, повторно заради лични лукративни цели и злоупотреба на партиските членови на секое ниво.
Таков е случајот со многумина поранешни државни и партиски функционери кои поради самочувството за достоинство и јасен идеолошко-политички профил се потполно маргинализирани. Како Внатрепартиска фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ токму кон сите Вас се обраќаме драги наши сопартијци.
Се обраќаме затоа што времето за нашата партија немилосрдно истекува. Колку и да е агресивен ПР-от од партијата, посебно во врска со Мицкоски и градењето на култот на личноста, по Кочани не е ништо исто. Нема потреба од страв, посебно од страв за стигматизација на агресивниот ПР од партијата доколку дадете поддршка на барањата на родителите на загинатите и повредените во огромната трагедија во Кочани. Тоа е искажување на граѓанска свест за потребата од одговорност на сите нивоа. И токму во овој контекст и се гледа затвореноста и недемократскиот капацитет на Мицкоски и раководството на партијата. Едноставно, наместо да
има законска, морална и политичка одговорност на сите нивоа, посебно и затоа што истрагата спласнува по скоро два месеци од трагедијата, а во притвор се луѓе кои најмалку може да се виновни, додека одговорност за корупција и политички влијанија заради кршење на законите нема, ние имаме целосна кампања за заштита на ликот и делото на Панче Тошковски (министер по занимање). Впрегната е целата ПР машинерија на партијата, дадени се насоки до членството да се дава поддршка на Тошковски на социјалните мрежи, се креира агресивен наратив за одбрана на Панче, до степен на прикажување дека е жртва, а не одговорен барем по функција за трагедијата во Кочани. Тоа што се прави е принцип на функционирање на мафија, а не на демократска партија, членка на ЕПП и уште и партија за македонско национално единство. Во основа владее принципот дека што повеќе путер на главата има некој, толку е покорисен затоа што е уценет и спасот му е во партијата за да не биде кривично гонет заради криминал или против законско делување. Сетете се само на претставата со укинувањето на членот 353 од Кривичниот Закон на Македонија. Тие кои се спасија со тие измени, сега се владини високи функционери и пратеници. А вие драги мои сопартијци „обични членови“ чекајте ги ветувањата на Мицкоски и живејте во надеж.
Ете тоа треба да го видите драги наши сопартијци и дури и да го осознаете, бидејќи знаеме дека го гледате, но не ја осознаете вашата улога во партијата и моќта која ја имате токму над раководството на партијата и креирањето на политиките. И тоа дека Мицкоски не ги дава неговите непосредни соработници со кои е цврсто врзан во меѓусебни бизнис, доверителско-должнички и не знам какви други врски како резултат на лукративни интереси. Не ги дава по секоја цена, како да се работи за Коза Ностра, а цената на оваа недемократско, мафијашко однесување треба да ја
платиме сите ние како партиски членови.
А кога ќе падне од власт, тој веројатно ќе побегне од Македонија бидејќи има пари за десет животи. Но тие што ќе останат тука, токму заради не идеолошката „посветеност“ кон партијата, не демократскиот капацитет, анти демократското функционирање и најмногу затоа што се сите забркани во криминал и корупција ќе почнат меѓу себе да се кодошат и обвинуваат за да се спасат себеси. Впрочем, тоа веќе еднаш го видовме. Второто видување на тоа ќе биде крај на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, токму по примерот на пропаднатиот СДС. Искрено се надеваме и дека игранката на Мицкоски и Заев со Филипче нема да успее, впрочем ајде повторно да прашаме: „Мицкоски, зошто не го апсиш Заев“?
Ова е причината за појавата и упорната работа на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ за да ја демократизираме партијата и да конечно престане нашата задолженост кон југословенската УДБА и некој недемократски центри на моќ кои не и мислат добро на Македонија и секако на ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно, ние како членови на партијата мораме и имаме обврска да се грижиме за нашата партија не само во овој миг кога ние би имале интерес, туку и за иднината, но како демократска партија, навистина конзервативна, проевропска која ќе овозможи
здрава европска иднина на целата македонска нација. А внатре во партијата не треба да има монолитност, напротив, треба да има жива внатрепартиска дискусија на сите нивоа, а предлозите за партиски, локални и државни функции да доаѓаат и се потврдуваат од членството. Затоа се потребни промени на Статутот на партијата, во чии рамки јасно и недвосмислено (не како сега не регулирано – ниту одобрено, ниту забрането) да биде определена можноста за создавање на легална Внатрепартиска фракција како врв на демократскиот капацитет на една европска десна-конзервативна политичка структура каква треба да биде нашата ВМРО-ДПМНЕ.
Во потполно е јасно дека фракцијата е врзана за демократизација на партијата која партија од позиција на власт во Македонија ќе ја демократизира државата и ќе ја внесе во ЕУ, а не да поттикнува анти ЕУ и анти НАТО расположение, особено кај нашето членство, а што е уште еден елемент на манипулација со националните чувства и злоупотреба на национализмот, најпрво со сопственото членство, веројатно заради одржување на „монолитноста“ или можеби повеќе за
враќање лични долгови од страна на Мицкоски кон некој центри надвор од Македонија и реализација на анти Македонски политики.