Продолжува серијата деманти од невладините организации во врска со хајката на СОС против граѓанскиот сектор во Македонија.
Здружението на граѓани „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) испрати демант во врска со невистините искажани за нив од провладината организација „Стоп операција Сорос“.
„Здружението ‘Факултет за работи што не се учат’ ги квалификува изјавите на СОС како тешка навреда и клевета, и бара од истото, јавно извинување во рок од седум дена, како и интегрална објава на овој демант на сите медиуми кои беа вклучени во објавата на невистините на СОС. Во спротивно, Здружението ќе поднесе тужба за навреда и клевета во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда“, стои во демантот на ФРУ.
Од Центарот за современи уметности велат дека Центарот не е дел од СДСМ, ниту пак „партиски клуб на партијата“ или било која друга и не работи по „ничија наредба”, какo штo наведуваат oд движењетo СОС. „Центарот за современи уметности – Скопје е формиран во 1994 година, како дел од мрежата на центрите за современа уметност, а од 1999-та, Центарот за современи уметности станува независна невладина институција од културата, која се занимава со современа уметност и мултидисциплинарни активности, давајќи и поддршка на македонската уметничка сцена, преку организирање уметнички изложби, проекти од областа на електронска уметност и мултимедија, алтернативни проекти, образовни проекти, конференции, работилници, фестивали, симпозиуми и проекти за развој на културата во руралните заедници“, посочуваат од Центарот, од каде, исто како и останатите нападнати организации, најавуваат тужба ако не добијат извинување за лагите.